Не постојат уплати на сметката на СИРАХ ЛИМИТЕД Белизе ниту од Никола Груевски, ниту од било кое друго  физичко или правно лице од Македонија утврди стручниот наод, мислењето на техничкиот советник – вешто лице врз основ на материјалите за вештачење добиени по поднесена Замолница за меѓународна правна помош од Р.Кипар од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Ова стручно мислење беше изведено како доказ на барање на одбраната на Ненад Јосифовиќ, а истото денес, на главната расправа за време на сослушувањето на вештото лице беше и образложено.

Детално беа објаснети сите трансакции, уплати и исплати на сметката на СИРАХ ЛИМИТЕД Белизе, во периодот од 26.07.2012 година до 31.12.2012 година како и датумите, износите и правниот основ на секоја уплата и исплата поединечно.

Во анализата на сите трансакции утврдено е дека постојат уплати на сметката на СИРАХ ЛИМИТЕД Белизе од повеќе правни субјекти во дадениот период, но ниту една од тие уплати не е од правно лице од Република Македонија.

Исто така, во уплатите во анализираниот период од страна на вештото лице не е констатирана ниту една уплата од конкретното физичко лице Никола Груевски, ниту уплата кон СИРАХ ЛИМИТЕД Белизе од било кое друго физичко од Македонија.

Денес во судот излегоа работите на виделина со несоборливи докази од кои се гледа дека немам префрлено ниту едно евро на фирмата која купила земјиште од 11 илјади метри квадратни на Водно. Ниту пак било кој од земјата го направил тоа. Да потсетам дека токму за ова ме терети обвинителството.

Денес е објавено и презентирано вештачењето на трансакциите, сите уплати и исплати на фирмата Сирах Лимитид од Белизе со сметка во банка во Кипар, земја членка на ЕУ од 2004 година и членка на еврозоната од 2008 година, а поврзано со предметот “Плацеви Водно”, со кое се докажува валканата конструкција која власта и обвинителството ја правеа за наводно од мене купено земјиште од околу 11.000 метри квадратни на име на фирма Сирах Инжињеринг- Скопје, чии сопственик е токму фирмата Сирах Лимитид.

Уште поважно е што вештачењето е направено на база на прибавени документи и докази добиени од меѓународна правна помош која писмено ја барало и ја добило самото обвинителство и согласно законот, ја споделило со судот и со одбраната без самото да направи вештачење на истата.
КЛУЧНАТА ВЕСТ во ова вештачење е дека НЕ 1,3 МИЛИОНИ ЕВРА, ТУКУ НИ 1,3 ДЕНАРИ ОД МОЈА СТРАНА НЕ СЕ УПЛАТЕНИ на фирмата која го купила земјиштето на Водно и нејзиниот оснивач.

Се покажа дека не постои ниту едно правно или физичко лице од Македонија кое префрлило пари на фирмата Сирах Лимитид со банкарска сметка во Кипар, ниту пак лице кое е поврзано со мене, до моментот кога истата не го продала земјиштето. И што е најинтересно обвинителката немала никаков приговор на овој дел, што всушност бил и единствен нејзин избор кога се презентирале фактите со докази.

До сега обвинителството без никаков доказ тврдеше, поточно лажеше, а медиумите блиски до власта тоа го ширеа со сите сили, дека јас сум земал пари од партијата и сум го купил тоа земјиште преку фирмата Сирах Лимитид и нејзината фирма во Скопје Сирах Инжињеринг.

Има уште многу детали околу ова, но сите во правец на целосно демонтирање на обвинителниот акт.
Не мислам дека е случајно што обвинителството не направило свое вештачење пред да отвори обвинение. Тие го знаеле исходот, знаеле дека така ќе им пропадне конструкцијата па преминале на уценување лажни сведоци, иако и таму немаат доказен матерјал бидејќи дури и нивниот најважен сведок Александар Ивановски кажал дека пари од мене не примил и дека преостатнатиот имот од обвинението го купувал со свои пари ама мислел дека еден ден ќе ми го продаде тој имот, бидејќи трето лице така му рекло, а тоа трето лице пред судот го негира тоа дека така ми рекол. Истиот кажал и дека до купувањето на тие два стана и земјиште од 2.700 метри квадратни со мене не се запознал лично, но потоа иако неколку пати сме се сретнале за сосема други прашања, никогаш не ми кажал за тоа дека купил имот кој му било кажано дека јас ќе го купам понатаму ниту пак побарал да го обештетим за тоа, а во 2018 година кога веќе немам никаква функција и кога сум веќе под тежок политички прогон и веќе со една првостепена пресуда, потпишал договор со мене за изнајмување на тие два стана.
Кога би имале независно обвинителство и нормална држава, кога не би постоел политички прогон, сега обвинителството би го повлекло обвинението.
Но, со обзир дека независно обвинителство не би ни отворило вакво обвинение, сигурно нема да го направи тоа, коментира Никола Груевски, првообвинет во случајот „Плацови на Водно“.

Од страна на вештото лице во анализираниот период утврдена е регуларна исплата од СИРАХ ЛИМИТЕД Белизе кон Сирах Инженеринг ДООЕЛ Скопје. За оваа исплата вештото лице појасни дека во меѓународните плаќања во прилог на налогот за плаќање секогаш се доставува документ за основот врз кој се вршу уплатата или исплатата. Тоа е меѓународно правило кое важи и за банките во Р. Македонија за што постои и упатство за вршење на платен промет со странство кое е донесено од страна на Народната Банка на РМ.

Вештото лице на прашање на бранителот појасни дека меѓународниот платен промет се одвива под строги пропишани правила мониторирани од светски банкарски и финаниски институции. Меѓународните плаќања се вршат преку корсподентски банки од земја членка на ЕУ со дозвола од Европската Централна Банка. Таа корсподентска банка е гарант на платниот промет. Улогата на коресподентски банки е да вршат меѓубанкарско порамнување во платиот промет и контрола над трансакциите од формален аспект и од аспект на законското потекло на парите, односно од аспект на спречување на перење на пари.

Според стручниот наод на вештото лице во конкретниот случај сите трансакции се поминати како редовни транскации, без дополнителни прашања, проверки или побарани анализи за потеклото на парите од страна на корсподентските банки, што значи дека трансакциите не биле сомнителни, односно потекнувале од законски извори.

Извршената уплата која е утврдена, односно приливот од страна на СИРАХ ЛИМИТЕД Белизе кон Сирах Инженеринг ДООЕЛ Скопје e по основ на уплата на основачки влог, односно зголемување на основачки влог. Истото, согласно регуларна законска процедура, како прилив е евидентирано и во Централниот регистар на РСМ, во Регистарот на директни инвестиции на нерезиденти во РСМ и за дадениот износ е направено соодветно зголемување на капиталот на друштвото во тековната состојба.

Исто така за наведените приливи постои пријава и до Народната банка на РСМ како вложување од странство, согласно законска регулатива.

Резултатите на стручниот наод, мислењето на вештото лице кои денеска се презентираа во судницата како доказ видливо ја збунија и Обвинителката, застапник на случајот, Лиле Стефанова која денес поставуваше дезиориентирани прашања кон вештото лице. Огромна небулоза во целиот случај е што во обвинителниот акт кој го покренува оваа обвинителка за ,,Плацеви на Водно’’ , а во кој осомничените се теретат за перење на пари ( незаконско финансиско дејствие)  кое во пракса единствено би се докажало со следење на финансиските трансакции, Лиле Стефанова воопшто нема нарачано финансиско вештачење.

Поради тоа, тука се отвора прашањето на кој основ покренатиот обвинителен акт за ,, Плацевите на Водно’’ кој очигледно е базиран единствено на ,,сомнение’’ без никакви утврдени фактички докази досега го добиваше овој нарачан тек на настаните?

Веројатно во било кој друг правичен правосуден систем воопшто не би се дозволило покренување на ваков обвинителен акт и водење на истиот.

Но, едно е сигурно, во било кој друг правичен правосуден систем после изнесување на ваков вид на фактички, независни и поткрепени докази кои денес беа презентирани на главната расправа од страна на одбраната, случајот ,,Плацеви на Водно’’ веднаш би бил отфрлен и би се сметал за ,,паднат’’ и од истиот би останало само скандалозното фијаско на обвинителот застапник на случајот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.