Првиот вицепремиер во Владата и висок функционер во ДУИ Артан Груби денеска не сакаше да ги коментира последните случувања во врска со случајот „Монструм“ и убиството на Смилковското Езеро, како и барањето за затворски казни на обвинителката Фатиме Фетаи. Груби нагласи дека единствен момент кога ДУИ била вмешана во овој случај, било барањето за целосно повторување на судењето.
Не ги коментираме судските одлуки. Прашањето беше дали е вмешана политиката во овој случај. Единствен момент каде што ние како политичка партија бевме вмешани во овој случај беше во барањето да се повтори судењето, поради недовербата на целата јавност во одлуката на Судот претходно. Тоа го постигнавме. Оттука па натаму е работа на Обвинителството, на судството, на одбраната во судска постапка да ги докажат своите аргументи – рече Груби на прес-конференција.
И покрај инсистирањето на новинарите, тој беше дециден дека тој може да одговори само за нивното барање, а тоа, како што потенцира, „апсолутно повторување на целиот судски процес и тоа го постигнавме“.
Одбраната, обвинителството и судството се во доказна постапка, и се надевам дека заврши така како што налагаат доказите. Не сакам да коментирам одлука или пак, во овој момент тоа е став само на обвинителството, судот го нема кажано последниот збор, ова е само еден дел на една странка во процесот – рече Груби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.