Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, на средба со евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, разговарале за безрезервната поддршка што Европската Унија и ја дава на Македонија во процесите на развој и интеграција, посветеноста на Владата за понатамошното унапредување на реформските процеси, политиките на дијалог и стратешките цели на државата.
Во соопштението од неговиот Кабинет, се наведува дека Груби му ја изразил на амбасадорот Гир определбата на земјава на патот кон интеграцијата и важноста на посредувањето на Европската Унија во надминувањето на спорот со Бугарија, а изразил и благодарност за досегашната заложба за изнаоѓање решение што ќе биде во интерес на двете страни.
Груби истакнал дека нема простор за евроскептицизам меѓу политичките елити или граѓаните бидејќи сите достигнувања се заеднички.
Гир бил информиран за зелената агенда, како стратешка ориентација на земјата за подобар живот по нормативното заокружување на сите политички прашања утврдени во Охридскиот рамковен договор и Преспанскиот договор, кои ги поставиле темелите за еднаквост, демократија и еднаков економски развој.
Двајцата соговорници на крајот од средбата се согласиле дека треба да се вложат максимални напори за да се постигне единствената и непоколеблива цел на Македонија за интеграција во Европската Унија.
Како што соопштија од Кабинетот на Груби, на средбата разговарале и за прославата по повод 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор и за пописот на населението. При тоа, Гир од своја страна, а во име на Европската Унија го потврдил учеството на одбележувањето на 20-годишнината од Охридскиот договор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.