Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска во својот кабинет се сретна со амбасадорот на Република Бугарија во Скопје, Ангел Ангелов со кого разговарале, меѓу другото, и за добрососедските односи, кои се вредност за земјава, но и за регионот.
Како што соопштија од кабинетот на првиот вицепремиер, заедно, двајцата потврдија дека е потребна уште поголема посветеност во оваа насока со цел да се постигне уште поголемо приближување меѓу нашите две земји.
Вицепремиерот Груби и амбасадорот Ангелов се согласија дека Договорот за добрососедство меѓу Република Македонија и Република Бугарија постави одлични темели за понатамошна соработка во повеќе области, но и во приближувањето на двете земји во областа на културата и на двата народа, стои во соопштението.
На средбата, исто така, беше истакнато значењето на заедничкото претседателство со Берлинскиот процес за Западниот Балкан, процес преку кој се олеснуваат и унапредуваат конкретни чекори кон регионалниот економски развој, со што се овозможува полесно надминување на економската криза предизвикана од КОВИД-19.
Груби и Ангелов, се наведува, оценија дека затворањето на границите не е решение во борбата против пандемијата предизвикана од КОВИД-19, туку високата свест на граѓаните.
Во однос на спроведувањето на Договорот, Груби ги истакна заедничките регионални вредности и се фокусираше на европските вредности, наведувајќи дека историјата не смее да ја држи иднината во заложништво.
На крајот од состанокот, двајцата соговорници се согласија дека Република Македонија и Република Бугарија ја продолжуваат својата заложба за зајакнување на соработката меѓу двете земји, соработка која ќе продолжи да се развива во позитивна насока и со желба да се надминат сите предизвици, соопштија од кабинетот на вицепремиерот Груби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.