Министрите кои беа посочени во текстот на албанската Њуз1 дека примиле т.н. ВИП-вакцина, преку ред, Артан Груби, Мила Царовска и Бојан Маричиќ, ја демантираат веста на албанскиот портал.

„Категорично демантирам дека јас или било кој член од моето семејство има примено вакцина. Дополнителна потврда дека се работи за целосна измислица е фактот дека информацијата ја сподели Антонио Милошоски, кој во македонското општество е познат како генератор и ревносен ширач на лажни вести, човекот кој е ретко успешен колекционер на деманти. Не би ме изненадило Милошоски и да е ‘бриферот‘ дека наводно јас и членови на Владата сме се вакцинирале преку ред. Ваквите удари секако нема да ме поколебаат од намерата правдата целосно да завладее во нашата земја, а сите оние кои го прекршиле законот да одговараат. Комплетно е јасно дека целта на ваквите дезинформации е само да ми се наруши честа и угледот“, напиша Маричиќ на Фејсбук.

Министерката за образование Мила Царовска преку својот Фејсбук профил побара од пратеникот Антонио Милошоски да се извини за објавувањето неточни информации.

„Пратеникот Антонио Милошоски, кој се етаблираше како главен извор на лажни вести, повторно споделува лаги. Во целост ги демантирам имформациите дека сум се вакцинирала, не ми паѓа на памет да ја злоупотребам позицијата. Барам Милошоски итно да се извини за лагата, освен манипулации, друго од опозицијата не може да се очекува“, пишува Царовска.

И вицепремиерот Артан Груби за Плусинфо потврди дека станува збор за лажна вест и дека тој нема примено вакцина против ковид-19.

Веста ја демантирае и Владата.

Најостро демантираме, не постои никакво вакцинирање министри. Ги повикуваме пратеникот и порталите кои ја шират оваа тешка дезинформација да се откажат од манипулациите со населението во овие моменти на тешка здравствена состојба во државата, соопшти Владата.

Во текст за кој се зборува за трендот на ВИП вакцинација во светот, меѓу земјите од Балканот апбанскиот портал ја издвојува Македонија, а споменати се токму овие тројца министри.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.