Отворено писмо од претседателката на Глас за Македонија Солза Грчева до лидерот на Алтернатива Африм Гаши, кој денеска треба да се состане со Зоран Заев за да преговара за влез во Владата.

Во продолжение го пренесуваме интегралниот текст од отвораното писмо до Африм Гаши.

Господине Гаши,

Право на избор е на секоја партија да го одбере својот пат. Вие, пред само две недели одбравте да се борите против оваа, по секоја основа лоша и неуспешна влада. Посебно, според Вас, против погубните политики на Вашиот соперник во албанскиот блок, ДУИ. Често пати нагласувавте и дека ќе се борите за сите граѓани, а посебно за правата на Албанците.

Кога станува збор за Албанците, да Ве потсетам дека 60 ваши и наши сограѓани загинаа во стравична смрт, токму од негрижата, но и поради матните зделки на оваа власт. Никој не одговараше. Како се чувствуваат Вашите сограѓани Албанци после двете трагедии, каде единствено овде и оваа власт за несреќите најде виновник кабел, а најново дека виновни биле самите патници кои требале лично да ги проверуваат лиценците на возачот и Автобусот? Дали ова не Ви предизвикува гадење? Така се оди кон ЕУ?

Велите дека сте одговорни како партија и морате да придонесете таа да се движи на патот кон ЕУ. Целосна бесмисленост. Зарем оваа Влада со целата корупција, поништување на институциите, подгазеното судство, Ви дава некаква надеж, освен декларативна, која е како научена песничка во која веќе никој не верува? Датум добивме 6 пати, за да завршиме со делумно “Отворен Балкан“. Се резултат на неспособната и манипулативна Влада.

Ако должината на пат кон ЕУ, ja мерите во бројот на министри, директори и административци кои ги барате како услов, тоа е крајно неевропско однесување од Ваша страна. ЕУ сто пати предупреди дека нема чекор напред со партизирани, заробени институции. Не барајте и не испитувајте која партија што зборува, туку што прави. Вашето однесување како партија, која се ценка за позиции, не враќа само назад. Исто како и партиите на власт на кои им е “ нормално“ да раздаваат се што им припаѓа на сите, а не на партиите. Тоа за Вас е ЕУ? Многу се лажете, но ја лажете и јавноста.

Немојте да се криете зад општи флоскули, дека ви било до вредностите на Европа, кога самите ги газите на старт. Покажавте за жал, дека Вам ви е само до власт.

И последна порака. Ако некој не придвижи кон ЕУ (која ја употребувате само како провиден изговор), тоа секако ќе биде опозицијата. Таа не повторува песнички, туку работи.

Најмудро ќе беше да бидете трпелив и на предвремени избори да ја добиевте довербата од граѓаните. Се друго е одржување на апарати. Оваа Влада која не носи во провалија, а никако кон ЕУ, ќе падне побргу отколку што очекувате.

Денес Ви е краен момент да ја прекинете самоубиствената игра со ѓаволот и да се вратите на вистинските европски патеки од кои се тргнавте. Немојте да мислите дека јавноста нема да го казни ваквото Ваше однесување. Ако не денес, веќе за неколку месеци.Затоа, краен момент е да донесете исправна одлука!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.