Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашното гостување на Алсат М телевизија во неколку наврати ги напомена навредите кои што кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски ги упати кон граѓаните на трибините кои се дел од неговата претседателска кампања. Мицкоски го спомена конкретниот настан кога Пендаровски ги нарече своите поддржувачи сурати, а претходно поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, стока.

-Конкретно мене ми се јавија стотици, да не речам илјадници граѓани, дали лично дали преку пораки кога еден од кандидатите ги нарече тие околу него „сурати“. Тој во минатото знаете и „стока“ ги нарекуваше. Исто така за чувства ми се јавија еден куп луѓе во Република Македонија кои што ми зборуваа кога била конвенцијата за претставување на кандидатот кој што требаше да биде натпартиски и практично кандидат на сите етникуми, останатите етникуми останаа таму некаде во облаците, во позадината на салата „Борис Трајковски“, рече Мицкоски.

Мицкоски ја спомена и изјава на Пендаровски од пред некој ден кога тој на својата трибина се фалеше дека него полицијата не го казнувала кога ќе го запре за пребрзо возење, бидејќи како што вели го знаеле од телевизија.

Тој повторно ги навреди поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, со тоа што кажа дека само вмровец него би го казнил, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.