Сите знаат дека се дивоградби, на сите сѐ им е јасно, дозвола за градба нема, ама и утрово продолжува изградбата на деветте од 87 планирани куќи под хотелот Радика на Мавровското Езеро. Сопствениците на хотелот, компанијата „Радика резорт“ и покрај сите проблеми што ги предизвикува и со снабдувањето со водата во селото и во викенд населбата во Леуново и со загадувањето на езерото (отпадните води директно се излеваат во езерото), покрај веќе изградените 17, планира да изгради уште 87 куќи во забранетиот дел за градба, пишува МКД.мк.
Вчера од Државниот инспекторат за животна средина официјално соопштија дека од Општина Маврово и Ростуше добиле решение од септември годинава со кои се наредува отстранување на деветте типски објекти на „Радика резорт“ кои се во фаза на градба без соодветно одобрение за градба. Значи откако почнавме да пишуваме за овој проблем, за кој општината упорно молчи и не одговара на прашањата на МКД.мк, сепак преку ДИЖС дознаваме дека донеле решение за уривање и некакво признание дека нема одобрение за градба.
Инспекторите од санитарна инспекција информираа дека за ова ги известиле колегите од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и бараат да биде спроведен инспекциски надзор.
Многу претходно, сите надлежни институции, и Општина Маврово и Ростуше и полицијата, и ЕСМ (Електрани на Македонија) како надлежна компанија за Мавровското Езеро и градежни инспектори и министерствата за транспорт и врски и за животна средина… беа известени од Месната заедница Леуново за ова самоволие, ама никому ништо.
И уште е така. Никому ништо. Одобрение за градба нема, решение за уривање има, ама и утрово работниците продолжуваат со изградбата на девет од планираните 87 куќи под хотелот „Радика“.
„Што уште треба да направиме, кажете што! Ова никаде го нема. Вакво самоволие…“, револтирани се и жителите од месните заедници во Маврово и сопствениците на викендиците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.