Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе го понуди потенцијалот на својата партија за да се добие датум за преговори со ЕУ во октомври. Рече дека ќе побара поддршка од Извршниот и Централниот комитет да се формираат работни групи кои заедно со Владата ќе ги утврдат проблемите и ќе работат на надминување на сите пречки за, како што рече, барем во октомври да добиеме датум зашто летово не можеме од објективни причини. Во интервју во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма вечерва тој рече дека не навива за неуспех на државата како што го обвинува СДСМ, и дека прв приоритет на неговата партија е доброто на граѓаните и тие, како што рече, да не бидат казнети поради неспособноста на власта. Не знае дали владата би ја прифатила неговата иницијатива за соработка.
Загрижен сум за ситуацијата во Македонија, која како држава е во подредена улога. Македонија се води во апокалиптично сценарио, рече Мицкоски, додавајќи дека приоритет не им е „алчноста за власт“ и предвремени парламентарни избори, но е уверен дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи и е исклучително подготвена за нив, а тоа, рече, го покажала на претседателските избори.
Во поглед на добивањето на датум за преговори Мицкоски вечерва во Топ тема истакна дека граѓаните не треба да бидат жртви и заложници на неспособната власт.
Јас бев сега во Берлин, имав сериозни средби, наша делегација беше во Брисел. Нашиот став е многу јасен, немојте да ги казнувате граѓаните затоа што се овие неспособни, овие повторно ќе бидат неспособни. Но граѓаните, има луѓе кои што знаат како да работат, се домаќини луѓе кои што заслужуваат да бидат дел, бидејќи веруваат во тие европски вредности, веруваат во тие вредности кои што сакаат да бидат дел од нивниот живот. Оставете ги овие политички манипуланти, клиентелист, материјалист. Тие се задоволуваат со неколку обожаватели кои тапкаат по рамо и им велат шефе најдобар си. Ние функционираме поинаку, граѓаните го заслужуваат тоа и ние го побаравме тоа од нашите пријатели, посочи Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.