Граѓаните немаат доверба во министерот за здравство Венко Филипче и покрај агресивниот пи-ар кој се спроведува уште од почетокот на пандемијата. Кампањата со која власта сакаше да го претстави министерот Филипче за херој не направи граѓаните да му веруваат, а пред сè, не донесе ни резултати во справување со пандемијата.

Потврдата дека граѓаните не му веруваат на Филипче дојде од анкетата која ја спроведе „М Проспект“ за Телма и МЦМС на која мнозинството граѓани или 54,6% немаат доверба во министерот, наспроти оние 43,2 кои му веруваат. Само мал процент се тие кои немаат мислење на оваа тема 1,8% и тие 0,4% кои не сакале да одговорат.

Анкетата не ни покажува дека власта потфрли да го идеологизира министерот Филипче, туку дека потфрли да се справи со корона кризата и дека граѓаните тоа го гледаат. Граѓаните ја гледаат катастрофата во справувањето со корона кризата и покрај постојаното повторување на Филипче дека сè е во ред и ситуацијата е под контрола.

Ако во првиот бран успеваа да ги прикриваат недостатоците, сега веќе сите испливаа на површина. Неспособноста на власта да ги заштити граѓаните и да го подготви здравствениот систем за вториот бран не можеше да се покрие ниту со прес-конференциите, а ниту со видеосодржините кои ги објавуваше министерот.

Не помогна ниту последниот обид да го направат министерот смешен и интересен на социјалните мрежи во моменти кога Македонија ги доживуваше најцрните денови во пандемијата. Всушност тоа беше и капката која ја прели чашата кога на граѓаните им дојде преку глава пи ар кампањата на власта.

Додека сите гледаа како болниците се преполнети, како нема навремена реакција од властите, пациенти чекаа со денови да бидат тестирани или хоспитализирани, а други ги губеа животите, Филипче беше фокусиран на шеги и критики кон сите други, наместо да биде фокусиран на спасување на животи.

Власта не успеа навреме да обезбеди доволно болнички капацитети за вториот бран, ги немаше најавените 16 монтажни болници кои требаше да бидат готови уште на почетокот на есента, болниците немаа доволно опрема што резултираше со тоа да се губат животи заради немање на кислород, а не се набавија ни доволно болнички возила за граѓаните навреме бидат хоспитализирани. Среде криза видовме како граѓани се примаат во шатори, а директор на болница да моли за болничко возило.

Поради сите недостатоци на власта и нивната несериозност кон справување со пандемијата резултираше со тоа да досега над 82.000 граѓани се заразени, а 2473 починати. Сепак, најстрашното е што во овој момент Македонија е на шестото место по смртност во светот на милион жители, како една од државите кои најлошо се справуваат со пандемијата.

А несериозноста и неспособноста на власта го достигнаа пикот со тоа што владата не ги набави навреме вакцините против корона вирус, па така додека цела Европа дури и Србија се вакцинираат, Македонија ќе чека до март, а прашање и колку дози ќе сигнат во март.
Кога сега е јасно дека владата не успеа да го направи министерот Филипче херој и кога граѓаните немаат доверба во него, гледаме дека ќе беше подобро финансиите и енергијата од пи ар-от да ги вложи во здравствениот систем, барем така ќе се спасеа животи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.