Граѓаните ќе може да ги подигнат новите лични карти веќе од понеделник, а Министерството за внатрешни работи ќе почне да ги печати откако Владата на вчерашната седница со подзаконски пропис овозможи непречено да продолжи печатењето и издавањето на личните документи. Службите од денеска почнаа со интензивна работа, со цел да се излезе во пресрет на граѓаните и што поскоро да ги добијат личните документи, велат од МВР. Новите лични карти ќе бидат со ново уставно име „Македонија“. Законот за личните карти е заглавен во Собранието и е блокиран од опозицијата со повеќе од 1.500 амандмани. Поради блокадите со проблем се соочија околу 40 илјади граѓани.

Во пресрет на пописот од Државниот завод за статистика информираа дека нема да има проблем да бидат попишани, бидејќи за нив матичниот број е важен, кој пак може да се потврди и преку други лични документи. Инаку банките веќе им дозволија на граѓаните да вадат пари од нивните сметки и да вршат трансакции, приложувајќи пасош или потврда од МВР дека се во процедура за вадење нова лична карта.Старите лични карти на кои се уште не им е истечен рокот ќе важат до 12 февруари 2024 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.