Државната изборна комисија соопшти дека излезноста до 13 часот е 20, 76 отсто. Засега изборниот процес се оценува како мирен. На 11 места имало прекин повеќе од еден час поради технички проблеми со фингерпринтовите, а на 6 избирачки места се гласа на стариот начин, со спреј и УВ-ламба

До 13 часот во земјава гласале 237 476 граѓани или 20, 76 проценти соопшти Државната Изборна Комисија. Најголем е одзивот во општината Новаци и изнесува 43, 7 проценти, а најмала во Врапчиште односно 11, 72 отсто.

Првиот човек на ДИК, Александар Даштевски информираше дека генерално излезноста е добра. Сепак посочи дека на 11 избирачки места имало прекин повеќе од еден час, поради сериозни технички проблеми со новите уреди за биометриска идентификација на гласачите, додека на 6 места се гласа на стариот начин, односно со спреј и ув-ламба. Таму кадешто имало прекин, гласањето треба да продолжи за толку време колку што имало прекин.

Се наметнува и проблем во некои места да има повеќе гласачи, а помал број на гласачки места. Треба да се пуштат повеќе гласачи односно колку што има гласачки кутии во избирачкото место, за да оди побрзо процесот на гласање. Мислам дека веќе е испратен допис од ДИК до сите општински комисии да ги известат избирачките одбори, да пуштатаат повеќе гласачи и сметам дека ќе оди побрзо. Побавно оди поради ковид протоколите, а всушност гужвите се прават во ходниците, но се надевам дека со овој допис ќе се намалат гужвите и гласањето ќе тече регуларно. Ги охрабрувам граѓаните да излезат на гласање и да го дадат својот глас, непречено, демократски и слободно, изјави Даштевски на прес конференција.

Од ДИК соопштија дека на овие избори резултатите ќе бидат објавени околу или после полноќ бидејќи ќе се споредуваат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.