Пожарот кој ноќва го зафати трговскиот центар Глобал во Струмица е изгаснат рано утринава, но изгореа над десет продавници и голем дел од пазарот, кој се наоѓа во средишниот дел.

Тажна е сликата денеска, по пожарот кој ноќеска пред полноќ, избувна во трговскиот центар „Глобал“. Изгорени се повеќе трговски објекти и внатрешниот дел во којшто се наоѓаат продавници и тезги. Пожарот е изгаснат, но се уште под контрола на пожарникарите за да не се појават нови жаришта. За среќа жртви и повредени нема, но причинета е голема материјална штета, објави денес градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Тој испрати голема благодарност до пожарникарите од Струмица и нивните колеги од Кавадарци, Радовиш, Штип и Валандово, како и за вработените во ЈПКД „Комуналец“, за несебичната пожртвуваност и натчовечките напори коишто ги покажаа во гаснењето на пожарот.

Сочувствувам со сопствениците на опожарените објекти за големата претрпена материјална штета. Општина Струмица во рамките на своите можности ќе направи се да им помогне во санирањето на штетите, дополни градоначалникот.

Причините за пожарот се уште не се знаат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.