Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, денеска ќе поднесе Известување со барање за постапување до Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР во Скопје, соопштуваат од Општина Куманово.

Во известувањето не е наведено од кои причини, но, како што пренесува порталот Куманово њуз, најверојатно е поради тоа што МВР на 29 април, до Основното јавно обвинитество во Куманово му поднесена пријава за непочитување на самоизолацијата по член 206 од Кривичниот законик.

Подоцна ОЈО ја отфрли пријатата како неоснована, а Димитриевски најави дека ќе ги тужи надлежните во Државниот здравствен и санитерен инспекторат и МВР, заради нарушување на угледот.

Димитриевски за цело време тврдеше дека се работи за монтиран случај, без да образложи од кого и поради што.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди е контролниот механизам на МВР врз работата на полицијата и Министерството, за утврдување на непрофесионалното, незаконито и неетичко постапување на вработените како и преземање на низа мерки и активности за нивно спречување од превентивен и репресивен аспект.

Согласно Законот за внатрешни работи, Одделот за внатрешна контрола, криминалистичи истраги и професионални стандарди е посебна и независна организациска единица на МВР која остварува внатрешна контрола за потребите на Mинистерството и спроведува постапки за оценување на законитоста на постапувањето на вработените  во МВР.

Граѓаните имаат право да поднесат претставка до Министерството односно до Одделот заради заштита и остварување на своите права и кога сметаат дека со постапувањето на работникот во Министерството се повредени нивните слободи и права. За извршената проверка на наводите во претставката Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во рок не подолг од 30 дена од приемот на претставката  во писмена форма треба да го извести подносителот за утврдената состојба и преземените мерки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.