Терминот во кој што може сигурно да се очекува отворање на градинките е 15 јуни, бидејќи до тогаш ќе биде завршен скринингот на вработените, најави министерот за здравство Венко Филипче.
Скринигот на градинките се очекува да заврши до 15 јуни, а веднаш потоа ќе се тестираат и здравствените работници, полицијата, армијата. Планот за почнување на работата на кино салите, театрите, теретаните ќе биде објавен во следните два дена, и исто како угостителските објекти, и тие ќе работат во неколку фази, вели Филипче.
Тој вечерва во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма истакна дека за летните месеци се планира и скрининг на таргет групи за антитела, за да се увиди каква е состојбата со граѓаните во однос на имунитетот.
По скринингот на градинките, кои мора да се пуштат во функција за луѓето да се вратат на работа, ќе се следат и медицинските лица, полиција, армија. За летните месеци планираме и еден одреден скрининг на таргет групи за антитела да видиме каква е состојбата со граѓаните, населението, во однос на имунитетот иако податоците од околните земји и некои други европски земји велат дека е навистина рано да се очекува стекнат имунитет. Многу е мал процентот на граѓани кои имаат антитела, дел од нив ја прележале болеста, дел несвесно ја прележале болеста или имале некои симптоми на кои воопшто не им ни обрнале внимание, но тоа е нешто што го планираме бидејќи мора да знаеме каква е ситуацијата во однос на имунитетот и по потреба да планираме и димензионираме мерки за есенските месеци, кога веќе ќе бидат вратени луѓето од патувања, ќе почнат во функција школите и градинките…, рече Филипче.
Додаде дека можен втор бран на вирусот наесен, и во тој случај повторно би се имплементирале рестриктивните мерки, но како што рече, системот е подготвен и располагаме со дополнителен капацитет и опрема на клиниките.
Ако се случи нов бран, СЗО предупредува дека е можно и тоа да биде едно од сценаријата, очекувано е дека ќе треба да се имплементираат повторно рестриктивните мерки, но добро е што ние во меѓувреме работевме и ќе работиме на надградување на болничките капацитети. Сега имаме дополнителен капацитет и на Инфективната клиника, монтажната болница, веќе и докторите и медицинските сестри се свесни за каква патологија станува збор, во смисла што може да се очекува од клиничлиот тек на пациентите, па една рутина која што се стекнува со лекување на овие пациенти, додаде Филипче.
Дополнителна опрема и заштитните материјали се набавени, и државата е подготвена за втор пик доколку не снајде наесен. Дополни дека во тој случај апсолутно е можно и затворање на градинките и училиштата.
Прашан кога може да се очекува да профункционираат комплетно клиниките, Филипче одговори дека веќе од следната недела ќе почнат да се извршуваат интервенциите кои досега беа одложувани.
Не целосно, но од почеток на следната недела веќе ќе почнат да се извршуваат интервенциите кои беа одложувани, постепено ќе ги враќаме сите тимови на работа, не нагло и наеднаш, и тој период некаде ќе трае две до три недели, но ќе почнат да се вршат интервенциите кои беа одложувани, како во болницата така на клиниките и во другите болници во државата, додаде министерот за здравство.
За работа на театрите, кино салите, тератаните, има план кој ќе биде објавен во следните два дена.
Сега е навистина рано, ние во следните неколку денови ќе го објавиме и динамичкиот план врз основа на кој ќе се прават ослободувањата. Тој динамички план ги опфаќа и објектите односно сите овие институции и времето кога очекуваме да тие се вратат во функција. За враќање во функција на деловите кај кои има се уште некое ограничување, ќе оди како во угостителските во неколку фази, рече Филипче.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.