Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од големиот митинг во Скопје им се обрати на сите кои цврсто ја носат во срцата идејата за Македонија. На заговарачите на бојкот, на вработените во администрацијата, на полицијата, на невработените, на војниците и земјоделците, на пензионерите и студентите, на скопјани и на сите разочарани членови на СДСМ. Порача дека сега треба да се биде гласен, и дека ниту една уцена не треба да ја смени одлуката да изберат правда за Македонија. Мицкоски ги охрабри сите дека власта е на колена и веќе не може да им се заканува ниту пак да ги уценува.

До оние кои цврсто заговараат бојкот, а кои сепак во своите срца ја носат идејата за Македонија.

Ние сме браќа и сестри по нашата кауза, и знам дека имате 1 000 причини да бидете разочарани, повлечени, бесни, и не велам дека за се не сте во право, но ви се обраќам искрено, без ракавици, во име на организацијата со историско име и завет ВМРО, имате една причина зошто морате да излезете, таа се вика Македонија. Бојкотот на овие избори знаете дека му помага само на Заев, и тој потајно тоа го посакува и на тоа се надева, и на тоа работи. Некогаш треба да се биде молчалив и да се чека прилика кога треба да се биде гласен, ова е твое време. Сега треба да се биде гласен. Дојдете во нашето семејство, затоа што со нас имате многу повеќе заеднички работи, отколку со оваа однародена власт, бесот нека не ви биде поголем од љубовта кон татковината, која знам дека длабоко во срцето ја имате. Дојдете заеднички да се бориме против ова зло.  Излезете и гласајте, не барам да гласате поради мене или ВМРО-ДПМНЕ, гласајте поради себе и своите семејства. За Македонија.

До вработените во администрацијата:

Оваа власт неоправдано ја запоставува, игнорира, истовремено и ја притиска. Се однесува нетолерантно, како нешто што природно и припаѓа. Постојано го слушам премиерот како се жали дека била неефикасна, некорисна. Но нејзината ефикасност е толку голема колку што е и ефикасноста на менаџментот во администрацијата. Сите вие вработени сте со име и презиме и имате свое достоинство, чест и  углед. Недозволувајте да бидете застрашувани, непоткелкнувајте на уцените и заканите кои знам дека ги имате. Бидете храбри и излезете и гласајте по својата волја. Зад параванот сте сами, и ниту една уцена нека не ја смени вашата одлука да одберете правда за Македонија. Промените доаѓаат, работите брзо ќе се сменат и сигурноста која сега ја немате ќе дојде. Професионалните и добрите работници секогаш ќе бидат дел од тимот кој ќе ги создава и носи промените. Слушнете ме, власта е на колена, Зоран Заев клечи и потребно е да го зададеме последниот удар. Ништо не ви можат.

До припадниците на МВР:

До овие овде со нас чесни луѓе, но и тие што се на терен. Сакале да признаете или не, знам дека ви ги врзаа рацете, да молчите пред криминалците, да ја заобиколувате правдата. Не затоа што тоа го сакате, туку затоа што на тоа ве тераат. Но ве молам, не прифаќајте притисоци, спротивстате се на сите незаконски постапки на кои ве тераат. Не одете против својот народ. Ние се ваши пријатели, а ви сте чесни, честити луѓе чија судбина е притисната од нечесни раководства на власта. И знам дека и вас ве изневерија. Ве измамија. Нема ништо од новата опрема, од повишоците на плата, нема ништо од вашите барања. И тоа ќе се смени. Морате да имате сигурност која сега ја немате. А по промените вие ќе сте најзначајниот дел од алката која ќе мора да донесе правда во Македонија.

До припадниците на Армијата:

Вие сте нашата гордост. Секогаш ја имате нашата доверба, а вие враќате со вашата професионалност и сериозна посветеност. Сетете се на заклетвата која ја дававте, и знамето, под сонцето пред кое се заветивте дека ќе служите. Македонија е ова! Затоа ајде да одбереме претседател кој ќе биде на вашата страна, кој ќе се бори за подобри услови, повисок стандард и труд кој ќе биде ценет. Ајде заеднички да ја одбереме Гордана Сиљановска Давкова.

Земјоделците, честити луѓе со гигатнски срца кои со сурова мака и пот се грижат за своите семејства:

Знам дека сте незадоволни и знам дека ве уценуваат со исплата на субвенции, со инспекции и разно разни проверки, ременот постојано го стегаат, но вие најдобро знаете дека тие од власта стапнаа на погрешна штица, а вие казната ќе им ја испорачате токму на овие избори, а потоа заедно ќе го испратиме во пензија министерот што во Дубаи шопингува, а земјоделците крај со крај сврзуваат. Со посебна гордост ги посетувам нашите места во Пелагонија, Струмичко, Полошко, во Малешевијата, Реканско и Овчеполието. Ја стискам чесната рака на земјоделците и ви велам во мене имате пријател, ајде заедно да се избориме за подобра иднина. Мојата борба е и ваша борба!

Пензионерите, кои власта ги запостави и им изрази непочитување:

Им го укинаа законско предвиденото зголемување на пензиите, а пензиите не се покачија ниту за денар. Власта која ги казнува и не реализира ниту еден проект за нив, оние луѓе кои во староста треба да имаат спокоен живот, а го немаат зошто власта не ги почитува. Време е сега вие сега вие да ја казните власта.

До невработените:

Не ги прифаќајте оние лаги на власта дека само што не ни тргнало подобро, а 2 години одиме само назад. Македонија со оваа власт инвеститорите ја заобиколуваат, а единствено има работа за фирмите блиски до власта.  И знам дека седите и очајувате, и дека навидум ви изгледа безнанеджна ситуацијата, но еве заеднички ви ја покажуваме дека надежта е почетокот на падот на оваа власт е почетокот, тоа е надежта во Македонија и предвесникот на промените кои ќе се случат.

Мицкоски им се обрати и на разочараните членови на СДСМ на кои вистински им значи Македонија и кои знаат дека корупцијата и криминалот не се работи кои се оправдуваат:

Се обраќам и до оние кои чекореа по овие улици и вистински се понадеваа дека ќе се изборат да има правда и да има мир. Знаат дека ниту правда се донесе, ниту мир се постигна. А воедно Заев ги предаде сите идеали во кој што веруваа. И не е ова СДСМ на кое се надеваа, ниту пак некакви идеали запазија. Затоа излезете и казнете против сето она што ве измамија. Сега е моментот кога треба да бидете доследни на она во што верувате, бидејќи живот без идеали, е како куќа без темели. А што е животот без Македонија? Ништо, дрво без корен. Македонија е во нас, околу нас, таа е наша емоција и наша суштина. Се да имаме Македонија ако ја немаме, како ништо немаме.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.