Во земјава изминатиов период имало и лажни дојави за пожари. Телефонскиот број 193 не престанува да ѕвони, меѓу повиците и понекоја лажна дојава.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, споделува дека во изминатиов период, додека секојдневно биле на терен со сите надлежни екипи кои, како што кажа, „неуморно даваа сè од себе за да ги изгаснат пожарите“, се соочиле со голем број лажни вести, кои несомнено им нанесувале штета на активностите што ги преземале при справувањето со пожарите. Неодамна имаше пожари во околината на Кочани, Берово, Делчево, Пехчево, и други делови од Македонија.
Тој нагласува дека во такви чувствителни моменти, какви што се справувањето со елементарни непогоди, во конкретниот случај пожари, последиците од лажните вести се врз јавното добро и засегнати се голем број граѓани.
– Свесен сум дека медиумите, сакајќи да ја зголемат својата гледаност и читаност, бараат сензационални вести, кои многу често се и лажни. Мора да се има предвид дека не е иста штетата што ќе се нанесе доколку се пренесе, на пример, некоја лажна вест за некој настан или за позната личност, политичар, пејач, глумец, и да се дистрибуираат лажни вести во вакви специфични ситуации, посочува директорот на ЦУК.
Како пример го издвојува пожарот во Кочани, кога дел од пренесуваните вести беа дека изгореле голем број куќи, и со тоа создадоа голем страв, паника и недоверба кај тамошното население.
– Вистината беше дека, иако пожарот беше голем и страотен, освен што имаше еден изгорен покрив и неколку стари неупотребливи возила, не дозволивме да се случат поголеми штети и, што за мене е најважно, немавме човечки жртви, вели Ангелов.
Покрај дезинформациите, не изостанаа ниту лажните дојави за пожари, кои секојдневно пристигнуваа до надлежните. За нив, командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски вели дека во последниов период ги имало повеќе.
– Еден пожар може да предизвика повеќе од сто јавувања, особено ако станува збор за урбана средина, така што многу е тешко со двајца оператори и седум линии да се „фати“ лажната дојава, споделува Симоновски.
Само за пожарот кај фабриката „Охис“ на 5 август имало повеќе од 240 повици. Додека, за 22 пожари на територија на Скопје, изгаснати за 12 часа, истиот ден, имало над 870 повици и седум лажни дојави.
Симоновски вели дека нема причина да размислува дека некој се дрзнува да ги деградира во најголемите пожари, или да ги праќа на некои позиции само за да ги ослабне како единица, и истакнува дека без оглед на сè, тие секогаш реагираат на секоја добиена дојава.
– Ние знаеме дека во Кучково имаме сува трева запалена од далновод, имаме испратено едно возило, со локални одговорни фирми што донесоа цистерна со вода и сè се заврши. Од друга страна, имате друга дојава дека гори Граничниот премин „Блаце“, зад полициската станица, а во истиот момент добивате дојава дека гори Полициската станица Мирковци. Праќаме екипа во Скопска Црна Гора во Мирковци и увидуваме дека таму нема ништо, нема пожар, вели командантот Противпожарната бригада на Град Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.