Професорката Гордана Силјановска Давкова на својот фејсбук профил напиша:

Почеток на крајот!

Најдобро за Македонија е во недела да им кажеме „НЕ“ на ЗАЕВИЗМОТ и АХМЕТИЗМОТ, анахрони изданоци на СТАЛИНИЗАМ, како лична и неограничена власт на двајца самопрогласени месии и самокрунисани владетели, чии неуки, примитивни, фрустрирани и самобендисани политички слуги, на НАШ ТРОШОК и на НАША ШТЕТА, ги окупираа сите централни и локални институции, трансформирајќи ги во олигархиски партиски експозитури, преполни со нестручни и некомпетентни партиски војници, роднини и пријатели, верни на ЛИДЕРОТ и ПАРТИЈАТА, наместо на ПРАВОТО, ПРАВДАТА и МОРАЛОТ!

Најдобро за Македонија е на овие локални избори граѓаните да и кажат „НЕ“ на ФАМИЛИЈАРИЗАЦИЈАТА на политиката, олицетворена во кандидати на власта за градоначалници и советници по моделот: „ТАТКОВЦИ И ДЕЦА“ (не од Тургењев, туку од Заев и Ахмети) и други роднински врски. Јас, пак, мислев дека сме република, а не монархија, ама во заблуда сум била. Го заборавив тврдењето на Јозеф Шумпетер за опасноста од републиканска монархија, на примерот на Сталиновиот режим. Кога монархот Заев доделува статуси, води сметка за семејната традиција, па не ги заборава Филиповски, Смилевски, Темелковски, Герасимовски…. А, науката вели дека традицијата не е важна за социјалдемократите..

Најдобро за Македонија е да ја запреме РЕФЕУДАЛИЗАЦИЈАТА . Ја помните ли забелешката на бившиот француски амбасадор, г-диот Тимоние дека Македонија е во рацете на десеттина фамилии! Јас го нарекувам овој процес латиноамериканизација, која ќе се финализира со продажбата на државното земјоделско земјиште, ако и го дозволиме тоа на оваа плутократска власт, се разбира. Се прашувам: дали, кога и каде некоја социјалдемократска влада посегнала по ваков потег? Но, од т.н нови „ социјалдемократи“ – богаташи и од самонаречени екологисти, во чие дваесетгодишно владеење немало ниту еден еколошки проект, а да не говорам за неспојливоста на употребата на сила за политички цели и изразито пацифистичкиот карактер на еколошките движења, дури и кога се нарекуваат „ еко-герила“, човек сешто може да чуе! Зарем ќе дозволиме општините да бидат ФЕУДИ на дваесеттина фамилии, менаџирани од МИЛЕНИЦИТЕ на Заев и Ахмети, во кои илјадници луѓе се третираат како закрепостени лица, оставени на милост и немилост на локалните феудалци. Струмица не смее да биде ЗОРАНГРАД, ниту Кичево- АЛИГРАД!

Најдобро за Македонија е да ИСЧЕКОРИ во процесот на ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА и да посегне по реформи во локалната самоуправа како претпоставка за демократски политички систем , како рамноправен партнер на држвата и ПРОТИВТЕЖА на централна власт, а не како нејзина експозитура. Кај се чуло и видело цела влада да е хиперактивна во локалната кампања, па дури и министри да одат од врата на врата? Во правна држава, во која се почитува вертикалната поделба на власта на централна и локална, да, ама во ПАРТИСКАТА држава, не. Може ли со изборен процес, диктиран и воден од Владата да се гради европски модел на локална самоуправа, како автономна и НАЈБЛИСКА до граѓаните? Не, се разбира. Оваа влада „ не знае“ дека зборуваме за локална САМОУПРАВА, а не за деконцентрација на власта.

Најдобро за Македонија е в недела, граѓаните, жители на општините и на Скопје, со своето „ НЕ“ за „ НАЈДОБРИТЕ“ да го означат ПОЧЕТОКОТ НА КРАЈОТ на овој РЕЖИМ НАД РЕЖИМИТЕ, инфантилен, ПОЛИТИЧКИ ИМПОТЕНТЕН И ПЕРВЕРЗЕН, понизен кон посилниот и бизарно агресивен кон најслабите, корумпиран, криминален, непотистички, СРАМЕН И ПОНИЖУВАЧКИ до БОЛКА за ОДВАЖНИТЕ граѓани и луѓе кои што сакаат нивната држава да наликува на останатите европски држави.

Најдобро за Македонија е на 17-ти да се збогуваме со НАЈЛОШОТО! Ве прашувам сограѓани, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и сите други : „ Која сериозна и одговорна партија за своите кандидати вели дека се НАЈДОБРИТЕ за ВАС? Каква ли ароганција и аздисаност е некому од кој ви извира легитимитетот, да му кажете: „јас сум најдоброто решение за тебе“, па гласај за мене, немаш подобар избор!

Најдобро за Македонија е, НАЈСИЛНИОТ ХОР – НАРОДНИОТ, составен од 80 ЛОКАЛНИ ХОРОВИ, плус СКОПСКИОТ, на ВЛАСТА на ЗАЕВ И АХМЕТИ и на НИВНИТЕ КАНДИДАТИ, со еден потег на перото, да и соопшти: НЕ, НЕ, НЕ, а ЕХОТО да одекнува до ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ, оти локалната демократија е силен демократизирачки фактор на политичкиот систем, но и демократскиот политички систем е природен амбиент за локална демокартија! Како што се Заев и Ахмети сијамски политички близнаци, така и демократската локална и централната власт се врзани садови.

Време е за радикални промени, за реформи. Како? Со луѓе од знаење, со докажани, чесни луѓе, со луѓе со став, со пристојни луѓе. Дебативе јасно покажуваат дека: „Најдобрите“ се очигледно НАЈЛОШИ, не само во претходниот мандат, туку и во аргументацијата. Најлоша власт е онаа на заминување, вели Алексис Токвил. Дека е во право, покажува кампањата на кандидатите на власта, која, наместо да биде свртена кон СЕБЕ, својата програма и проекти, агресивно е насочена е против ПОДОБРИОТ ПРОТИВНИК/ПРОТИВНИЧКА! Попусто. Истекува нејзиното време, доага НОВОТО!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.