Силниот ветер кој попладнево го зафати скопскиот регион ги засили пожарите кои избувнаа во селата Ракотинци, Кучково и Добри дол и помага во експресно ширење на пламените. Во моментот гори поголема површина со лозје, а дел од неа е и на скопска винарија. Како што велат сопствениците на лозјата, иако побарале помош за гаснење на огнот, биле вратени да се самоорганизираат.

Дека се оставени сами на себе реагираат и жителите на скопските села зафатени од огнот.

На социјалните мрежи граѓаните велат дека во Ракотинци пожарот е под црквата „Свети Илија“. Гори и во Добри дол над селската црква. Не знаат каде да се обратат бидејќи од противпожарната служба никој не крева телефон.

Пожар во Добри дол над гробиштата, во нивите! Се шири накај куќите! Како да пријавам кога Противпожарната служба не ми крева?

Во писмо до медиумите, пак, потпишано од жители на селото Кучково, во кое наведуваат дека пожар го зафатил селото и упатуваат апел да се реши проблемот со водата.

Почитувани медиуми вие сте нашиот спас, ПОМАГАЈТЕ! Општината не се јавува на нашите повици. Без капка вода сме, ако се прошири пожарот ќе изгориме! Во селото живееме само постари луѓе ако зафати тешко ќе може да се спаси нешто, се наведува во писмото.

Од Центарот за за управување со кризи за МИА велат дека огнот се движи и кон Сопиште, дека за пожарите се известени припадниците на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје и дека во моментов се преговара за исклучување на струјата со ЕВН со цел да не се предизвикаат дополнителни искри и ширење од пожарот.

На социјалните мрежи, пак, се споделуваат и видеа од нов оган кој пламти во Нерези кај манастирот Пантелејмон.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.