Населбата Блок 70 е една од најпогодените во Тетово каде во одредени станбени згради трет ден граѓаните воопшто немаат вода поради големите дефекти во мрежата и прекин во водоснабдувањето поради санација на цевководите.

Не може да се функционира нормално без вода, некои станови што се од погорните катови од зградите поради немање на хидрофор и цистерна останаа без вода три дена. Потребно е да се донесат цистерни со вода од ЈКП Тетово за да се снабдат луѓето со вода, велат жителите од Блок 70.

Од 8 часот утрово продолжија активностите за отстранување на дефектот во водоводна цевка Ф300 во паркот кај Шарена џамија со цел целосно нормализирање на водоснабдувањето по серијата проблеми во мрежата овие три дена поради што речиси целиот град остана без вода за пиење. По неколку часа ископ на местото најдено е местото каде е пукната цевката и започната е процедурата за промена со нова.

Дојдени сме до дефектот, треба да се промени салонитна цевка во должина од три метри со цевка од друг материјал. Со отстранување на дефектот вчера на цевката Ф300 на улицата „Цветан Димов“ се нормализира снабдувањето со вода во градот. Проценките се дека во 85 проценти во градот е нормализирано снабдувањето. Се уште нема вода во 15 отсто од градот, тоа се населбите Блок 70 и дел од Пржова Бавча, како и објектите на улиците „Браќа Миладинови“ и „Ѓорче Петров“. Санирањето на дефектот ќе продолжи во текот на работниот ден, изјави Љуљзим Шаќири раководител на водотехничка лабораторија при „Водовод и канализација“.

Тетово трет ден се соочува со прекини во водоснабдуавњето откако два дефекта се појавија на Ф300 водоводни цевки кои се втора категорија по големина значајни за проток на големи количини вода. Во средата и четвртокот околу 90 проценти од градот се соочи со прекин во водоснабдувањето.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.