Девет правни субјекти на територија на Националниот парк Маврово не поседуваат елаборат за заштита на животната средина, а голем број угостителски објекти директно ги испуштаат отпадните води во Мавровското Езеро или реката Радика.
Ова е констатирано од страна на интензивниот надзор што го прави Државниот инспекторат за животна средина по претставка од граѓани.
Досега се инспектирани 18 објекти и утврдено е дека 9 не поседуваат Елаборат за заштита на животната средина. Голем број инспекторирани угостителски објекти директно ги испуштаат отпадните води во Мавровско Езеро или реката Радика, како на пример хотелите „Радика“, „Бистра“, „Спорт“, „Лодге“ и „Алпине“. Помали погони, како на пример „ЕуроЕдил“, „Новитет“ и „Техно Блок“, сите лоцирани во село Скудриње, исто така немаат Елаборати за заштита на животната средина и испуштаат отпадни води во реципиент без пречистување – се наведува во соопштението од Инспекторатот.
Сите субјекти кај кои се најдени неправилности, се задолжени најпрво да ја обезбедат потребната документација (одобрени елаборати за заштита на животната средина, дозволи за испуштање на вода во реципиент, проекти за изведба на пречистителни станици и слично), а потоа ќе добијат соодветни рокови за да ги применат сите неопходни мерки за спречување на загадувањето.
Од Инспекторатот велат дека до крајот на март ќе се изврши надзор врз сите правни субјекти и ќе се преземат мерки за корекција на неправилностите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.