Корона-кризата не е пречка за политичките партии во Македонија партиите годинава да добијат над три милиони евра од буџетската каса, кои законски им припаѓаат откако во јули 2018 година едногласно го изгласаа Законот за финансирање на партиите.
Истовремено, на седницата, што треба да се одржи во четврток, на дневниот ред е и Предлог на закон за изменување на Законот за финансирање на политичките партии, по скратена постапка, со која партиите треба да ги донесат измените на законот со кој ќе си поделат уште 0,6 проценти, или, близу два милиони евра, народни пари.
На партиските сметки оваа година во јуни веќе легнаа пари, откако со Уредба со законска сила за финансирање на политичките партии која Владата ја донесе во април, на политичките субјекти им беа дадени 0,4 процени од буџетот. Вкупно оваа година партиите ќе добијат 0,10 проценти односно ќе си поделат вклупно 3.260.065 евра, пишува „Слободен печат“.
Од овие пари во измените на законот пишува дека од буџетот веќе се исплатени се 1,242,426 евра. Сепак според Законот за финансирање на политичките партии каде се уредени начинот и постапката за обезбедување на финансиските средства, им припаѓаат уште 0,5 проценти, пари кои партиите оваа година нема да ги добијат поради корона вирусот.
Во законот пишува дека: „Согласно член 9 процентот за исплата на средствата е 0,15% од изворните приходи на Буџетот на Република Македонија во тековната година“.
Инаку, Предлог законот за изменување на законот за финансирање на политичките партии се заснова на истите начела како и Законот за финансирање на политичките партии. Се предлага пратениците да го доносат по скратена постапка.
Во измените на законот пишува дека поради Ковид-19 кризата во земјата за вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии за 2020 и 2021 година се определува нов порцент и тој ќе биде во висина од 0,105% од вкупните изворни приходи на Буџетот. На политичките партии парите треба да им бидат исплатени најдоцна до 31 декември 2020 година.
Во образложението на законот уште пишува дека исплатата на средствата за редовно годишно финансирање од Буџетот на Република Македонија, нема да им бидат исплатени на политичките партии кои до Државниот завод за ревизија немаат доставено годишен извештај во пропишаниот рок.
Буџетски пари нема да добијат ниту партиите кои не ги објавиле податоците за донациите примени во текот на годината. Запирањето на исплатата ќе трае се додека партијата уредно не ги исполни своите законски обврски.
Од буџетот за 2019 година на политичките субјекти вкупно им беа исплатени 4.583.000 евра. Парите си ги поделија 39 партии. На СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ им припаднаа најмногу пари. Владејачката партија доби 1.180.000 евра, а најголемата опозициска партија 1.025.000 евра. На третото место според исплатената сума е партијата на Ахмети ДУИ со 441.000 евра, а далеку зад нив се БЕСА со 255.000 евра и Алијанса на Албанците добила 245.000 евра.
Од парите се офајдија и помалите партии кои во најмногу случаи се дел од коалициите со големите политички партии и освоиле повеќе гласови односно повеќе пари од буџетот. Има и такви кои на последните локални избори настапија самостојно, па добиваат пари согласно процентот на гласови кои ги добиле.
Па, така на пример ГРОМ на Стевчо Јакимовски од парите на граѓаните доби 136.000 евра, а Сојузот на Ромите 116.000 евра. Социјалистите земале 81.000 евра. На сметката на НСДП легнаа 58.000 евра, ЛДП 63.000 евра, а ДОМ 54.000 евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.