Поранешниот премиер Никола Груевски е прогласен за виновен во обвиненеито за случајот „Насилство во Центар“ и осуден на затворска казна од една година и шест месеци, додека за поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески Судот одреди условна казна во траење од година дена.

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска беше изречена пресудата и за останатите обвинети, кои се товареа за поттикнување насилство за време на протестите пред Општина Центар во јуни 2013 година.

Како извршители на насилства пред Општина Центар на 7 и 10 јули 2013 година, судијата Душко Јосифоски ги прогласи за виновни и им одреди условни казни од девет месеци на Александар Трајковски, Дарко Стојчевски, Трајче Петковски, која нема да се изврши ако во рок од 3 години не сторат ново кривично дело.

Обвинетите Даниел Трифуновски и Игор Бошковски добија условна казна затвор од 6 месеци која нема да се изврши ако во рок од две години не сторат ново кривично дело.

Сите обвинети се задолжуваат солидарно да надоместат штета на Општина Центар во висина од 27 илјади денари.

Обвинителството на минатото рочиште се откажа од гонење за лицата Даниела Рангелова, Милан Андоновски и Борче Богдановски.

Претходно за случајот вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни, додека за седмообвинетиот Димче Крстев се води одвоена постапка.

Судијата на почетокот посочи дека, предметот му е доделен во јануари 2018 година.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.