„Цела ноќ се водеше битката со огнот за спас на Кочани, а на помош не дојде ни еден авион или хеликоптер, ни од Македонија, ниту од соседните земји. Попусто се надевавме. Не знам колку луѓе доброволци беа однесени со итна помош затоа што губеа свест затруени од чадот, се надевам дека нема да имаат последици, а во овој момент немам информација за нивната состојба”, раскажува за МКД.мк Николчо Гоцев, градежен инжинер, во моментот градежен инспектор, кој организираше и предводеше група од околу 400 волонтерни кои се бореа огнот, кој се спушти до градот, да не навлезе подлабоко и да предизвика катастрофални последици.
Гоцев вели дека глетката е страшна. Утрово од него добивме повеќе фотографии кои ги објавивме како фотогалерија. Најмалку три куќи се речиси целосно уништени, повеќе домови имаат штети, колку возила и механизација се запалени или оштетени допрва ќе се знае. Но, вели, жално е колку многу стока има угинато. Изгореа по трлата и шталите овци, угинати се многу крави, кокошки, зајаци… Не сакав, вели, од тие страшни сцени да направам фотографии, затоа што предизвикуваат стрес.
Гоцев нагласува дека битката со огнот ја воделе со метални метли и друг алат, со противпожарни апарати донесени од повеќе фирми и претпријатија, со црева со вода онаму каде што било можно и со еден број мали цистерни со вода. На помош пристигнале противпожарни екипи од Скопје и други градови и со нив соработката била добра.
Сепак е гневен затоа што државата, вели, паднала на испитот на организацијата. Политичарите на чело со премиерот и лидерот на опозицијата, Заев и Мицкоски, како што оценува Гоцев, биле тука само за фотографирање, но конкретна акција и организација од нивна страна немало.
Некаде по полноќ, кога пристигнала пешадијата на Армијата, доброволците се повлекле од најкритичната локација за да им остават простор на војниците за дејствување со нивните цистерни и алати.
Целото сведоштво на МКД.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.