Кој враќа депозит доколку нешто не „смрди“? Ова прашање со недели ја мачеше македонската јавност, по веста дека кинеската фирма „Синофарм“ го вратила авансот уплатен од македонската влада за набавка на вакцини. Во низата на оправдувања од страна на премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче слушнавме доста контрадикторни оправдувања, а црешата секако беше изјавата на министерката за одбрана Радмила Шекеринска дека „не ни морале да ни кажат дека авансот е вратен“.

Авансната уплата која Министерството за здравство ја изврши за набавка на вакцината „Синофарм“, по барање на кинеското Министерство за надворешни работи беше повлечена заради усогласување на документација, на нашето МНР и МНР на НР Кина. Разговорите се во заврша фаза, не станува збор за откажување на договорот, вакцините против Ковид 19 од производителот „Синофарм“ во најкус можен рок ќе стигнат во нашата земја, соопшти Министерството за здравство на 28 февруари.

Ден подоцна Заев рече дека „денови се во прашање кога ќе може да се потврди утовар за да дојдат вакцините“. Десет дена подоцна, кинеските вакцини уште ги нема.

Утрово, пак, повторно скандал со македонската влада беше откриен од страна на италијанскиот весник „Ла верита“, со чија помош слушнавме за аферата „Рекет“. Според изворите на весникот, зделката со „Синофарм“ требало да се одвива преку фантом-фирма со седиште во Хонг Конг, која е наведена во сите официјални писма на Филипче, што весникот ги поседува.

Според првичните анализи на Кинезите, оваа фирма вклучена од страна на македонската влада во посредувањето немала стабилни темели, но имала доволно средства депонирани во германската Дојче банк, што според изворите на весникот, оставило сомнеж на официјален Пекинг дека можеби се наоѓаат пред обид за измама, и тоа донело до поништување на процедурата.

Инаку, договорот со кинеската фирма уште од почетокот беше таен за јавноста.

Обезбедуваме 200 илјади вакцини кои ќе стигнат во февруари, а точниот датум на испораката ќе биде утврден во следните денови. Ја почитуваме одредбата од договорот за тајност, податоците остануваат доверливи. Направивме детален план за процесот на вакцинација во три фази. Сите вакцини се безбедни и сигурни за граѓаните. Со имунизацијата почнуваме овој месец, ќе каже министерот Филипче на 8 февруари.

Јавноста утрово повторно реагира на веста од „Ла верита“. Твитерџиите прашуваат дали останавме без вакцини за некој да лапне провизија. Со иста мисла е и аналитичарот Александар Пандов, според кого Македонија не видела ваква криминална банда како двоецот Заев-Филипче.

Македонија во минатото низ историјата ја ограбувале разни окупатори и арамии. Али како оваа банда криминална на Заев до сега немало, а не верувам дека и може да има!

Па каде бре го има ова, во ек на ваква криза во која починаа над 3.000 граѓани и сме светски рекордери по смртност додека македонската економија секојдневно тоне и е во колабс, Заев и Филипче и на вакцините тргнале да прават екстра профит!

Каде ќе ви оди душата само да знам, пишува Пандов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.