САД не најавуваат нови имиња што би биле опфатени со извршната наредба на претседателот Џо Бајден, вели за „Гласот на Америка“ портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, одговарајќи на прашањето кога би биле ставени на црна листа потенцијално нови лица.

Но, оваа алатка ќе ни овозможи да ги адресираме најитните закани за стабилноста и напредокот на демократските институции – вели Прајс.

Во извршната наредба која вчера ја потпиша претседателот Џо Бајден, се предвидува замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои претставуваат закана по безбедноста и мирот на секоја држава на Западен Балкан, а новина е што од годинава санкциите ќе се однесуваат и на оние лица, кои, меѓу другото, се одговорни или вклучени во попречување на имплементацијата на Договорот од Преспа од 2018 година.

Извршната наредба ќе опфаќа и лица кои директно или индиректно се вклучени во корупција, злоупотреба на јавни фондови, поткуп и слично.

За власта во земјава најавата за санкции од САД претставува порака за охрабрување и мотивација во борбата против корупцијата, но и порака до, како што рече премиерот Заев, негаторите на Преспанскиот договор дека ова е пресериозна работа за некој да може да си прави политикантство на нездрави основи.

За опозициската Левица најавата за санкции претставува дел од, како што велат, империјалистичката надворешна политика на САД која оперира со притисок, санкции, закани и воени интервенции. Од партијата најавија дека тие ќе продолжат да се противат на Договорот од Преспа, Охридскиот договор и другите договори кои тие ги оценуваат како уцена и закана за стабилноста на земјата.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, во реакција на декретот на Бајден рекоа дека нивен стратегиски приоритет бил членството во НАТО со заштита на нашиот национален идентитет, а сега и членството во ЕУ, како и дека ќе ја почитуваат и ќе ја почитуваат волјата на граѓаните.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.