Професор Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност Скопје и доктор на безбедносни и одбранбени науки, за МИА вели дека е за поздравување брзиот и навремен пристап на Министерството за надворешни работи во лоцирањето, коордирањето и извлекувањето на македонските државјани кои се затекнаа од Авганистан.

Тој посочува дека имало случаи кога наши државјани се нашле во безбедносна закана или со прогласувањето на пандемијата, кога поради неажурност, со месеци не можевме да ги вратиме дома.

Прашан дали постои опасност од нова мигрантска криза и евентуално загрозување на безбедносната состојба на нашата дрежава во однос на најновата состојба во Авганистан и владината одлука хуманитарно да делува и да прими 450 граѓани од оваа држава, Ѓуровски потсети дека Владата на граница има прогласено кризна состојба и за нејзино обезбедување е ангажирана Армијата.

Верувам дека македонската безбедносно-разузнавачка заедница преку координиран и заеднички пристап и размена на информации од партнерите од земјите членки на НАТО ќе превенира било каков ризик од загрозување на стабилноста и на безбедноста на државата. Досега најмалку во два наврата беа попречени загрозувања на безбедноста на државата токму поради информации добиени од земји партнери во НАТО. По завршување на кризната состојба прогласена по три основи: справување со пандемијата, пожарите и опасноста од нов мигрантски бран, верувам дека врз основа на искуството кое ги покажа јаките и слабите страни ќе го направат пофункционален безбедносниот систем од идни ризици и закани кои наложуваат холистистички пристап и градење на националните капацитети во еден интегрален безбедносен систем и надминување на сегашните системски слабости – вели професорот Ѓуровски.

Меѓу другото, тој оценува дека без разлика какво е правилото во Авганистан, тоа сигурно ќе произведе бранови мигранти во иднина.

Веќе има голем притисок, но можно е со започнување на порадикални мерки во некои делови или во целиот Авганистан, да започнат нови бранови мигранти. Не е непознато дека од почетокот на оваа година, кога Американците се повлекоа и кога стана јасно дека вакво нешто може да се случи, бројот на Авганистанци во илегалните мигрантски бранови се зголемува. Ова го покажуваат статистиките и за балканската рута. Ова е нов предизвик со кој ќе се соочат и Европа и западните демократии. Покрај тоа, многу веројатно ќе има хуманитарни кризи во самиот Авганистан, бидејќи има многу распоредени луѓе кои избегаа од Талибанците во Кабул – вели Ѓуровски.

Тој нагласува дека нашата држава е членка на НАТО, а ние како дел од Партнерството за мир бевме дел од мисијата во Авганистан врз основа на активирање на членот 5 од Вашингтонскиот договор.

Наши стратешки партнери како држава и народ се САД и мала држава како Македонија не смее да си дозволи луксуз да не биде дел од една коалиција која се гради и манифестира хуман пристап кон авганистанскиот народ. Светот и меѓународната заедница е во страшна збрка, посветена е на ублажување на заканата од Ковид-19 и обнова на економијата, но и промовирање на демократијата во нејзината глобална борба против авторитаризмот. Не треба погрешно да ги читаме геополитичките реалности и состојбата во регионот. Нашето друштво со европските западни демократии јасно е дефинирано од 99 проценти политички парламентарни партии во земјата – појаснува тој.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.