Последните два часа од состанокот ги посветивме на Гоце Делчев. Дискутиравме од аспект на тоа каков е пристапот со кој треба да се направи текст за Гоце Делчев кој ќе биде понуден на двете општества за заедничко чествување. И овојпат дојде до крајни разлики во сфаќањето на тоа зошто една личност треба да се чествува, изјави копретседателот на Мешовитата комисија за историски прашања, Драги Ѓоргиев во денешното издание на емисијата „Само вистина“ на Канал 5, за 14. состанок на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Република Македонија.
– Бугарската страна инсистира на тоа дека за Гоце Делчев треба да се кажат историските вистини, односно дека тој се школувал во бугарската егзархиска гимназија, дека се школувал во воената академија во Софија, дека работел како учител во бугарското егзархиско училиште во Штип и, се разбира, дека идентитетот на Гоце Делчев е бугарски. Тоа се тие вистини кои, според нив, апсолутно треба да влезат во текстот и дека тоа се вистини од кои ние не може да отстапиме.
Нашиот пристап е сосема поинаков. Јас имам чувство дека колегите од Бугарија се во мисија дека бугарската историографија треба да го наметне својот наратив врз македонската историографија за Гоце Делчев. Тука се разликуваме, бидејќи за нас е важно да се вметнат елементи коишто се важни за двете општества – зошто е важен за нас и зошто го славиме ние, а зошто е важен за нив и зошто Бугарија го слави Гоце Делчев. вели Ѓорѓиев.
На прашањето дали изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека „Гоце Делчев се декларирал како Бугарин, а во исто време се борел за осамостојување на македонската држава“ може да биде решение за овој конфликт, Ѓорѓиев вели дека работата на комисијата не е да се утврди идентитетот на Гоце Делчев, туку да се надмине конфликтот и да се овозможи заедничко славење на Гоце Делчев којшто е заеднички јунак.
– Постојат документи со кои може да ја потврдите таа теза, односно во некои свои писма Гоце Делчев се чувствувал како Бугарин, но постојат и многу други писма во коишто доминантниот идентитет на Гоце Делчев е македонски. Но, внимавајте, ако вие почнете да селектирате документи, и двете страни можат да извадат документи со кои ќе ја бранат својата теза. Историјата не е догма, не постои една вистина, историјата е дебата во која секоја страна ќе ги изјавува своите тези. Работата на комисијата не е да се утврди идентитетот на Гоце Делчев, туку да се надмине овој симболичен конфликт и да се овозможи заедничко славење на Гоце Делчев којшто е заеднички јунак, вели Ѓорѓиев
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.