Контроверзниот Ден Дончев поднесе оставка на местото директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Како објаснување за оставката, тој навел „семејни и лични причини“. Тоа е веста на денот. Во изјави за некои медиуми, самиот Дончев ја потврдил веста. Владата ја „констатирала“ оставката. Без објаснување и без коментар, пишува во својата колумна главниот и одговорен уредник на ,,Плус Инфо”, Бранко Героски.

Во меѓувреме, во кулоарите се слушна и малку подетално објаснување на „семејните и лични“ прилики, кои наводно го навеле Дончев да се збогува од функцијата директор на државната здравствена каса, која му овозможуваше од 2017 година до денеска да располага со околу 700 милиони евра годишно. Судејќи според тие верзии, можеби има вистина и во шпекулациите дека Ден Дончев се подготвува да си замине назад во Австралија.

Алибито веројатно е подготвено. Инаку, шпекулацијата за најавеното бегство на сега веќе поранешниот директор на ФЗО во Австралија ме потсети на една анегдота која често се раскажува за него – сите Македонци одат на гурбет во Австралија, само Ден Дончев од Австралија доаѓа на гурбет во Македонија.

Зошто Дончев би избегал во Австралија? Да почнеме со ред.

Аферата „Диамед“ има уште една, клучна, рекетарска епизода

Како што е познато, лани во септември, во Плусинфо ја отворив аферата тогаш наречена „Рекет 2“. Името потоа го презеде една друга афера поврзана со невладината организација Меѓународен сојуз на Бојан Јовановски, но приказната остана.

Имено, станува збор за документиран обид на здравствените власти на чело со Ден Дончев и министерот Венко Филипче (вториов има улога не секундант), да ја спречат продажбата на македонската компанија „Диамед“, во сопственост на скопјанката Вера Иванова, на светски познатиот провајдер на услуги за дијализно болни пациенти, шведската компанија „Диаверум“. Аферата беше отворена со кривична пријава од Иванова за Филипче и за Дончев, за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување според член 353 од Кривичниот законик, поради обидот да се спречи влезот на странскиот инвеститор на македонскиот пазар на здравствени услуги.

По избивањето на аферата, Ден Дончев свика спектакуларна прес-конференција, на која се обиде да се одбрани и да го оспори тендерот со кој во 2014 година правото да вршат услуги за дијализно болните пациенти го добија компаниите „Метрополитен“ („Диамед“) и „Орка Холдинг“ („Систина нефроплус“). Откако упорните Швеѓани сепак ќе ја купат компанијата „Диамед“, Дончев ќе изврши притисок и македонските органи на прогонот ќе ги замрзнат средствата од продажбата, верувајќи на приказната дека во позадината на наводно спорниот тендер стои лично Никола Груевски.

Некаде кон крајот на февруари или во почетокот на март годинава, Ден Дончев ќе биде принуден да склучи договор со кој Фондот на здравство регуларно и редовно ќе плаќа за услугите за дијализа (патем речено, за услугите од кои пациентите се супер задоволни). И токму во март годинава, во два написа ја објавив преписката меѓу компанијата „Диаверум“ и министерот за здравство Филипче, од која јасно се гледа дека македонските здравствени власти, на чело со Ден Дончев, сепак се обиделе да ги исплашат Швеѓаните да не инвестираат во Македонија, но и тоа дека тие сепак не подлегнале на притисоците.

Тогаш најавив во третото продолжение на серијалот ќе објавам сериозни сознанија и документ во кој се изнесуваат наводи за рекетирање на поранешниот сопственик на „Диамед“, наводи кои можат да имаат третман на многу сериозни индиции. Станува збор за документ поврзан со проширувањето на кривичната пријава, во кој се спомнува и популарниот Зоран Милевски – Кичеец. Но, поради избивањето на коронакризата, одлучив тој дел од приказната да го одложам за подоцна. Таа моја одлука засега останува во сила.

Нови, силни докази за рекетирање на во посед на обвинителите

Сепак, како што дознавам од добро известен извор, во меѓувреме, еден друг субјект го збогатил досието на Ден Дончев, со многу сериозни, цврсти докази за рекетирање. Пред да продолжам со објаснувањето, сакам, почитувани читатели, само да ве потсетам дека своевремено, кога ја обелоденив аферата „Рекет“, со моите приказни во кои главните ликови беа скриени со кодирани имиња, најавив дека постојат „многу сериозни, цврсти докази за рекетирање“. Голем дел од јавноста тогаш не веруваше дека такви докази постојат, па се покажа спротивното. Сакам сите скептици да ги предупредам сега да не брзаат со проценките, бидејќи не случајно ги употребувам истите зборови и нагласувам дека според мојот извор, на кој му верувам, станува збор навистина за многу опасни докази. Да не биде дека не било кажано!

Деновиве овие докази биле доставени до надлежните органи на прогонот. Нека биде јасно запишано и ова – не сум ги инспектирал доказите и не тврдам дека тие докази се однесуваат само и исклучиво на Ден Дончев, но се повикувам на тврдењето дека со тие докази сега веќе поранешниот директор на ФЗОМ е многу сериозно лично засегнат. Но, дури и тоа не е најстрашното. Со доказите не е засегнат само Ден Дончев, туку и највисоки функционери во власта, а и едно високо свештено лице од Синодот на МПЦ.

Да повторам, не сум ги видел или слушнал доказите, но мојот извор тврди дека тие експлицитно укажуваат на постоење мрежа за рекетирање на субјекти кои пружаат разни услуги во здравствениот сектор, за кои плаќа Фондот за здравство. Редовната наплата на тие услуги, всушност, била уценета со исплата на кеш на рака на лица, кои потоа парите ги носеле на соодветни адреси. Сумата што јас ја слушнав, во која е опфатен и рекетот за кој имав намера да пишувам во март, достигнува 2 милиони евра на годишно ниво. Како сума, тоа е помалку од рекетот за кој се обвинети Катица Јанева и Бојан Јовановски, но затоа имињата што директно се спомнуваат како бенефитори во оваа нова афера се многу позвучни.

Целата колумна на Бранко Героски можете да ја прочитате ТУКА.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.