Главниот уредник на весникот „Слободен печат“ кој денеска си даде оставка затоа што не сакал да запре со критиките за власта најавува дека нема да биде замолчен и дека битката продолжува.
Бранко Героски е изненаден од бројот на луѓето што му дале поддршка.
Им се заблагодарувам на сите колеги и пријатели кои денес ми упатија поддршка, било јавно, било во директна комуникација со мене. Да бидам искрен, таа поддршка ме трогна, бидејќи не очекував толку многу луѓе толку сериозно да ги разберат мојот гест и вистинските причини што го предизвикаа моето напуштање на кормилото на „Слободен печат”.
Очигледно е дека еден значаен дел од јавноста е сензибилизиран за вредностите како што се независноста на медиумите, слободата на изразување, плурализмот на мислењата, уредувачката автономија и слично. Тоа ми дава поттик силно да се посветам на мојата работа и на мојата борба за тие вредности на либералниот журнализам.
Злобата и лагите на апологетите на власта не ме вознемируваат. Редно е малку да се порадуваат нашиот познат паланечки филозоф (се умори човекот пишувајќи за Евровизија и педантно, сламка по сламка, фалејќи ја, волшебната метла на Заев), нашиот уште попознат поликлинички случај кому забрзано му ги товарат бисаѓите (оти не се знае кога може повторно да стане невина жртва на напад со тап нож, а без 500 евра в џеб тоа, нели, не може да се преживее) и на сличните од таа екипа ебиветровци. Една српска поговорка вели – свака будала има своју радост.
Ве известувам дека почнувајќи од утре, на порталот Плусинфо ќе ги читате моите колумни. Во мојот добро познат стил. Ја најавувам и темата на мојот утрешен текст – бомби, рекет и уцени во политичкиот естаблишмент.
Да заклучам. Секој што се понадевал дека ќе бидам замолчан, на овој или на оној начин, се излажал. Борбата продолжува”, пишува Героски кој продолжува да го води порталот Плусинфо.мк каде што редовно пишува колумни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.