Новинарот Бранко Героски во последната колумна објавена на Плусинфо ппредупредува дека во селата и градовите има сериозни обиди за поткуп на гласачи. Неговата колумна е испровоцирана од вчерашната прес-конференција на кандидатот за градоначалник на Прилеп, адвокатот Жарко Стеваноски од граѓанската иницијатива „Че вреди“.

Ви пренесуваме дел од колумата.

До мене секојдневно допираат предупредувања за обиди за масовен предизборен поткуп во повеќе градови и села во Македонија. Веројатно сите вие слушате такви гласини и се прашувате колку се тие веродостојни. И се чудите – па зарем е можно историјата пак да ни се повторува, сега како фарса поголема од претходните?

Но, власта сега има други приоритети. Очигледно е дека дури и сите тие натчовечки напори мистер прајмминистерот не се доволни СДСМ да ги добие изборите на начин како што тоа го посакува за власт незаситниот Заев. Потребно е нешто да се „одработи“ далеку од очите на јавноста, нешто валкано и докажано ефикасно, нешто што на власта ќе ѝ донесе нов контингент гласови, за сигурна победа.

И затоа од сите страни стасуваат гласини дека партиите од власта жестоко работат и „на теренот“, дека одат буквално од куќа до куќа со торби пари под мишки, дека даваат кеш и нудат ветувања кому што треба, само за да се добие глас повеќе.

Се разбира, гласините се едно, но за да се пласираат во јавноста како кредибилни информации и при тоа јавно да се бара и интервенција на органите на прогонот и внимание од меѓународните посматрачи (кои прв пат ги набљудуваат и локалните избори), потребни се и цврсти докази. До нив, за жал, тешко се доаѓа. Станува збор за криминал, а криминалот се крие, не се рекламира на билборди.

Затоа, ме изненади прес-конференцијата на еден човек кого лично не го познавам, иако можеби сум го сретнал и сум го запознал некаде на маршевите на Отпорот и на Шарената револуција, можеби дури и во Прилеп. Станува збор за независниот кандидат за градоначалник за општина Прилеп, адвокатот Жарко Стеваноски, од граѓанската иницијатива „Че вреди“. На јавна прес-конференција, тој не само што ги обвини раководните луѓе во СДСМ од градот за вршење притисок и за упатување закани до неговите активисти и кандидати за советници, туку и презентираше прилично уверлив доказ – две аудиоснимки, на кои јасно се слуша разговор меѓу некој локален партиски шериф од СДСМ и поранешен активист на таа партија, кој очигледно преминал на страната на Стеваноски.

Внимателно, два пати, ги преслушав тие разговори. Бидејќи се составен дел на јавната прес-конференција на официјален учесник во изборната кампања, објавени се и секој може да ги преслуша и самиот да изведе заклучок. Убеден сум дека секој ќе се увери дека станува збор за неспорен доказ не само за директен притисок врз еден партиски активист и избирач, не само за директно и грубо нудење поткуп, туку и за сведоштво дека СДСМ располага со механизми за доделување социјална помош преку ред, за решавање на поединечни проблеми за легализација на дивоградби, за плаќање неплатени сметки за комуналии, за прекутрупа вработувања, па дури и за влијание врз судовите.


Целата колумна ТУКА



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.