Откако на Фејбук (на профилот на Зоран Буревесник Божиновски) е објавена фамозната белешка на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), што послужи како „крунски доказ“ обвинетиот Јордан Камчев да биде фрлен зад решетки цели 60 дена, станува јасно зошто овој документ не бил даден на увид на одбраната, како што налага законот, ниту на пратениците од парламентарната комисија за контрола на работата на безбедносните служби и на пошироката јавност, пишува новинарот Бранко Героски во колумна на Плусинфо.
Героски вели дека информацијата со архивски број 02-545/1 од 14.03.2021 година и со назнаката „строго доверливо“, потпишана од директорот на АНБ Виктор Димовски, е криена не поради она што има во неа, туку поради она што – го нема.
Во текстот од триесетина реда, на помалку од страница и половина, не може да се прочита буквално ништо повеќе од она што до сега беше кажано или објавено во дел од медиумите, за наводните „подготвителни активности за бегство на лицето Јордан Камчев“. Тоа и фактот дека белешката веќе е јавно обелоденета на социјалната мрежа Фејсбук, ни ја олеснува обврската, следејќи го јавниот интерес за овој случај, да ја прокоментираме нејзината содржина.
Во информацијата на АНБ, како што веќе е познато, се спомнува наводна средба на Камчев и на неговата пријателка Наташа Савова со „припадник на странска служба за безбедност“, во периодот од 12 до 14 февруари годинава, во хотелски комплекс во Берово. Не е наведено за која странска служба станува збор. Го нема името на припадникот на таа служба. Не се кажува колку траела, дали имало сведоци и слично.
Во белешката се вели дека на средбата се разговарало за реализација на бегството на Камчев во Бугарија, „каде што бил подготвен стан за неговиот престој“. И за ова се пишуваше во дел од медиумите. Но, во информацијата на АНБ не се наведува каде се наоѓа тој стан, во кој град, на која адреса. Не се кажува ни чиј е тој стан. Ако таков стан навистина постои и ако навистина бил „подготвуван“ за престој на божемниот бегалец Камчев, за тој стан, како и за секој друг, мора да постои имотен лист, од кој може да се види кој е сопственик и кога е купен станот. Вакви информации нема во белешката на АНБ.
Најголемото „откритие“ во овој документ се содржи во следната реченица: „Сознанијата укажуваат дека Јордан Камчев поседува приватна болница и други бизниси во Р Бугарија и во странство“. Изгледа дека АНБ не е информирана дека компаниите „Орка холдинг“ и „Аџибадем“, заедно со Светска банка, се косопственици на болница во Бугарија веќе неколку години. Оваа информација е достапна и на веб-страницата на „Орка холдинг“. Камчев со неа со право се фали. Одамна е позната и информацијата дека тој поседува бугарско државјанство, што исто така е нотирано во белешката на АНБ, пишува Героски во колумната.
Целиот текст ТУКА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.