Охрид е своевиден град музеј, но и град што живее и се развива. Културните богатства се од непроценлива важност за туристичката активност и можност за економски напредок. Токму затоа, преземаме сериозна иницијатива со одговорност, грижа и одржливо управување со сопственото културно и историско наследство, согласно препораките на УНЕСКО. Ова го истакна кандидатот за градоначалник на Охрид на СДСМ, Константин Георгиески.

Георгиески, пред граѓаните нагласи дека за разлика од останатите кандидати кои паушално ветуваат проекти, тој и неговиот тим нуди конкретни идеи и решенија со детални описи. Според него, еден од носечките проекти во неговата програма е проектот „Урбана култура“, со низа инфраструктурни зафати со цел функционално уредување на централниот дел на градот.

Почетна точка за реализација на проектот е реконструкција на плоштадот „Чинар“ заедно со пешачката улица „Гоце Делчев“, кои наскоро ќе добијат комплетно нов и современ лик. Реконструкцијата предвидува замена на постојниот плочник со нови гранитни плочки, замена на постојната фонтана, уредување на просторот околу „Чинарoт“, нова урбана опрема и осветлување. Во моментот се чека Конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културно наследство, кое беше аплицирано на 15 јули оваа година, рече тој.

Георгиески додаде дека се преземаат конкретни мерки за враќање на сјајот и автентичниот изглед на Охридската чаршија.

Чаршијата по целата нејзина должина, од „Чинарот“ до Градскиот плоштад, ќе биде поплочена со гранитни плочки и ќе биде извршено унифицирање на излозите и рекламните паноа на деловните објекти, истакна Георгиески.

Според него, најважен сегмент од проектот „Урбана култура“ е реконструкција на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“, согласно сите предвидени мерки за заштита и чување на препознатливите визури на градот.

Ќе се изврши обнова на целата негова површина, ќе биде поставена автентична урбана опрема, осветлување и ќе биде извршено современо хортикултурно уредување. Во согласност со препораките на УНЕСКО, како дел од проектот „Урбана култура“ ќе преземеме мерки за замена на бехатон плочките од сите локации во заштитениот дел на градот, со природни материјали, согласно староградската архитектура, истакна актуелниот градоначалник на Охрид.

Тој и во оваа прилика ги повика граѓаните својот глас да го дадат за најдобрите решенија и проекти од интерес на градот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.