Драги Рашковски е фатен како мести тендер и за тоа е запознаена цела македонска јавност. Но, тендерот е меѓународен, а во разговорот кој што генералниот секретар на владата го потврди, се вмешани и компании од повеќе европски држави. Очекувано, за скандалот се заинтересираа и медиуми од ЕУ, особено италијанските весници.

Наместо засрамено да си поднесе оставка и да се предаде на правосудните органи Драги Рашковски ги нападна новинарите и медиумите во земјава. Но замислете за Рашковски виновни се и медиумите во Италија, чија што независност ја доведе во прашање. Рашковски обвини македонски новинар дека наводно тој пласирал информации во италијанските медиуми за како вели наводно мито од италијанската влада.

Неодамна во изборната трка Стево Пендаровски, соочен со фактите за мито и корупција во македонскиот парламент и влада, а во врска со гласањето за промена на Уставот, за кои што пишуваше германскиот ФАЦ, го обвини угледниот германски новинар дека е „под контрола“ и пишува„под диктат“ од луѓе од Македонија. На овие обвинувања новинарот Михаел Мартенс од ФАЦ не му остана должен на Пендаровски.

Со тоа веќе веројатно е дека втора држава и втор медиум од Европската Унија се под директет атак од видни претставници на власта на СДСМ. Со тоа, извесно е дека веќе втор медиум од ЕУ јасно и гласно ќе се спротивстави на исказите на власта во Македонија. Рашковски, а веројатно и Пендаровски и другите од СДСМ, по креирањето на т.н. Министерство за вистина, односно Министерство за транспарентност во владата, сметаа дека ја завршиле својата работа и слободно можат да уживаат во корупцијата и криминалот, а медиумите ќе им молчат под закана за тужби и судски пресуди. Па така, со таква очигледна убеденост Рашковски дури најавува тужби и против европски медиуми.

Денешната навреда на Рашковски кон италијанските медиуми е само продолжение на јасно изразениот став „И тие се Цигани“ со кој што Рашковски гиоценува цела една европска нација и став кој што повторно не го одрече. Навредите и потценувањата на италијанските медиуми и воопшто нацијата секако нема да останат незабележани и наскоро се очекува реакција и од Рим.

Овие постапки и обвинувања кон медиумите и новинарите кога власта на СДСМ добива критика, се доволен показател за „темната страна“ на власта кон медиумите и нивната забрана за слободен говор. Во Македонија владее веќе очигледен медиумски мрак контролиран од власта на СДСМ. Но, слободата на медиумите и нивната работа во насока на јавниот интерес, е неприкосновено начело во демократска Европа. Со вакво однесување и потценување на медиумите од човек- сега Претседател на држава и од генерален секретар на владата, Македонија ниту има, ниту ќе има европска иднина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.