Претседателот на Алтернатива Африм Гаши е оптимист дека ќе се формира нова влада и пред истекот на 20-те дена по доделувањето на мандатот, како и дека нивната коалиција со Алијансата за Албанците ќе биде дел од неа.

– Сепак, до мандаторот е и до бројките. Би сакал тоа да сме ние, но не сме во позиција сега да преговараме ниту да наметнуваме. Нашиот дел е кажан, јасно сме кажале кои се нашите позиции. Коректно сме позиционирани  и во однос на ДУИ и во однос на македонските политички партии, не сакаме никого ниту да фаворизираме, ниту да хендикипираме. Мислам дека е многу битно затоа што минатата влада и сите минати влади бевме исправени пред многу тешки предизвици и прашања како решавање на спорот со името, Договорот со Бугарија… Сега првпат мислам дека бродот ќе ни заплива во помирни води, не дека внатрешните  прашања се помирни, но навистина крајно време е да се занимаваме со најсуштествените работи кои ги задираат најдлабоко интересите на граѓаните –  економија, здравство, правна држава, образование, .. рече Гаши во гостување во емисијата „Само интервју“ на ТВ канал 5.

Оптимист сум, наведе тој, дека ќе се направи влада, добра влада.  Очекувам дека ние ќе бидеме дел од таа влада, ако успееме нашите програмски определби и предизборни ветувања да ги ставиме, да бидат дел од изборната програма. Очекуваме дека ќе дојде многу интересен момент, каде ќе треба да работиме сите заедно и да покажеме дека треба да престанат некои практики на политичко одмаздување и внатрешна битка, рече Гаши.

Според него, многу е важно формирањето на Владата да биде засновано врз основа на легитимет. Рече дека поради исходот од изборите, им дозволиле на ДУИ да преговараат за Влада. Смета дека ДУИ нема да отстапи од своето барање за премиер на државата да биде Албанец.

– На изборите, во албанскиот дел зборувам, имаше два концепти. Првиот беше за премиер Албанец, а вториот беше држава за сите. Ние направивме програма, излеговме пред граѓаните со нашата понуда. Ние тогаш кажавме дека тоа е маркетиншки трик и тоа е неизводливо сега во моментов, и не само што не е изводливо, туку и не е некој голем интерес на Албанците – рече Гаши.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.