Велика Британија изразува силна поддршка за старт на преговорите на Македонија со Европската Унија, изјави денеска британската амбасадорка Рејчел Галовеј, при посетата на Општина Македонска Каменица.

Таа изрази надеж дека европските земји ќе донесат позитивна одлука по ова прашање, врз основа на сето она што државата го направи за старт на преговорите.

Јасно е веќе со години дека Македонија ги исполнува критериумите за да се отворат преговорите со ЕУ. Ние ја поддржуваме Македонија за отворање на преговорите и се надеваме дека Европските земји ќе ја донесат таа одлука врз основа на критериумите, а не врз основа на некои други политички фактори, рече Галовеј.

Таа додаде дека Велика Британија ќе продолжи да биде еден од најголемите инвеститори во државата, одговарајќи на новинарско прашање дали има некои промени по излегувањето на нејзината земја од ЕУ во однос на соработката со Македонија.

На крајот на минатата година се потпиша договор за трговска размена помеѓу двете земји, каде што понатаму само ќе се подобруваат и ќе се зајакнуваат трговските врски помеѓу двете држави. Ние сме едни од најголемите инвеститори во Македонија така да во периодот кој следи само можат да се зајакнат тие врски помеѓу двете држави, нагласи Галовеј.

Покрај средбата со градоначалничката Соња Стаменкова, Галовеј најави дека ќе се сретне со претставници на Рудник Саса, а ќе има и свое обраќање на церемонија организирана од Женскиот фудбалски клуб Саса.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.