Внатрешна Комисија за контрола на квалитет на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје и комисија формирана од Министерството за здравство ќе го испитуваат случајот со родилка и бебето, за кои вчера беше објавено починале на ГАК.

Од Клиниката денеска излегоа со детални информации за случајот, наведувајќи дека починатата родилка била на 40-годишна возраст од скопската општина Шуто Оризари. Тоа и била 11. бременост односно претходно имала четири живородени деца и шест прекинати бремености.

На Гинекологија таа била примена на 18 септември со образложение дека е дојдена да ја види состојбата на бебето. Таа не знаела која недела од бременоста е и кажала дека тоа и е втора контрола што значи, посочуваат од Клиниката, нејзината бременост не била контролирана.

Родилката, наведуваат од ГАК, веднаш била ставена на ЦТГ мислејќи дека станува збор за терминска бременост, а по направениот ултразвучен наод е утврдено дека трудницата е во 36-та гестациска недела од бременоста.

Според наодот на ЦТГ-то кој бил двојбен, лекарите дале мислење дека тоа треба да се повтори за два часа поради што на пациентката и било сугерирано да не се оддалечува на подолго време од Клиниката имајќи предвид дека живее во населбата Шуто Оризари, а во меѓувреме нешто да јаде, по што трудницата излегла надвор од Клиниката за да испие кафе. На ЈЗУ У ГАК-Скопје таа се вратила во 16:15 часот и на лекарите им рекла дека во периодот од два часа била во својот дом, каде што прокрвавела, пишува во соопштението од ГАК.

Дежурната екипа на Клиниката потврдила дека дошло до интраутерина смрт на плодот поради настанатата абрупција (одлепување на постелката). Веднаш и бил земен тест за ковид-19 и додека се чекал резултатот од тестот кој бил негативен ѝ била земена крв за лабораториски иследување и за утврдување на крвната група на пациентката, која до тој момент, поради неконтролираната бременост, не била позната.

Трудницата побарала стерилизација и откако нејзиното семејство од страна на лекарите било информирано дека бебето е изгубено, дека таа обилно крвави поради што мора итно да биде оперирана, дежурната екипа итно влегла со пациентката во сала. Плодот бил изваден со царски рез.

По извршената интервенција, таа била префрлена во шок-соба каде што и покрај интензивната реанимација по протокол, продолжило влошувањето на нејзината состојба, по што целиот тим гинеколози и анестезиолози одлучиле дека треба да се направи ревизија. Истата е направена меѓутоа и покрај целосниот напор на медицинскиот тим да биде спасен животот на пациентката, таа починала вчера, на 19 септември 2020 во 17:43 часот, велат од Клиниката.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.