Поранешниот евроамбасадор во земјава Ерван Фуере, смета дека Европската Унија има свои вредности, но за жал не ги почитува во некои конкретни области, а една од тие области, што директно ги засега Македонија и регионот е политиката на проширување, која воопшто не функционира.

Тоа е неуспех на Европската Унија целосно да ги разбере негативните последици од последните ќорсокаци и бугарското вето, не само врз шансите за процесот на пристапување кон ЕУ, туку и врз граѓаните кои ја гледаа перспективата во европската иднина – оценува Фуере во интервју за 24 Вести.

Тој смета дека Унијата во моментов се соочува со многу серозни крстопати, па затоа треба да биде внимателна, бидејќи може негативно да влијае врз чувствата на граѓаните од регионот.

Осврнувајќи се на бугарското вето, Фуере нагласува дека обидите на Бугарија да ги внесе историјата и идентитетот во процесот на проширување на ЕУ, претставуваат дополнителен удар врз политиката на Унијата за проширување и ја поткопуваат нејзината позиција не само во регионот, туку и во светот.

Со тоа ЕУ не ги почитува своите ветувања, не ги почитува своите заложби кон регионот. Ако потфрли во своето непосредно соседство, тогаш повеќе нема смисла за ЕУ. Така што Европската Унија мора итно да го промени однесувањето. Брисел не презема доволно мерки против оние нејзини членки кои ги поткопуваат европските вредности – вели Фуере.

Според него, ветото на Бугарија за евроинтеграцискиот процес на земјава е срамен чин на бугарската Влада, но тоа е и срамен чин за ЕУ затоа што не успеа да спречи една своја земја членка „да ја киднапира политиката на проширување“ и да ја промовира својата националистичка агенда на начин кој е во спротивност со сите вредности на ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.