Се уште активни се неколку пожари на територија на државата. Надлежните работат на нивно локализирање, а досега се приведени 17 лица кои се сомничат за подметнување и уште 16 се повикани на разговор во полициска станица.
Пожарот кај селото Раовиќ во општина Сарај вчера претпладне бил локализиран по интервенцијата од воздух на двата армиски хеликоптери, но од попладнето повторно е активен на три места.
Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов вчера изјави дека пожарот е спефицичен поради тоа што се активира на одредени места преку подземно продолжување на горењето на корења од дрвјата. Ангелов најави дека на терен ќе бидат испратени 30 припадници на Специјалната единица придружувани од француски експерти и четворица Французи кои работат со специјални дронови со термални камери кои можат да го откријат огнот под земја, со цел да се најдат жешките точки кои се невидливи од хеликоптер.
Освен во Скопје, нов пожар е забележан и во атарите на селата Грумази и Ивени во општина Новаци, каде што гори сува трева и нискостеблеста шума, како и над селото Црвена Вода кон планинарскиот дом Китка. Активен е и пожарот меѓу селата Барово и Вешје во општина Демир Капија.
Пожарот на отворен простор помеѓу селата Барово и Вешје во Општина Демир Капија е се уште активен и се прошири кон висорамнината Витачево кон село Страгово во Општина Кавадарци. На рамниот дел пожарот е изгаснат на фронт околу четири километри и засега висорамнината Витачево е безбедна. Пожарот е навлезен во шума во селото Барово, во место викано Балдовец, каде што теренот е стрмен и карпест и нема пристап и начин на приближување за гаснење за што се бара и интервенција од воздух – информираше вчера попладне портпаролката на ЦУК, Надица Вчкова.
Во изминатиот период беа активни неколку големи пожари во чие гаснење се вклучија и пожарникари од Австрија, Словенија, Бугарија…. Помош во хеликоптери и авиони испратија и Србија и Романија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.