Од дипломатските служби во Брисел за МИА потврдија дека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ќе ја посети и  Македонија до крајот на овој месец, јави дописничката на МИА од Брисел.

Според првичните информации што ги доби МИА, претседателката ќе ја посети  Македонија на 28 септември, на ист ден со Албанија, на 29-ти таа ќе отпатува за Косово и Црна Гора, а посетата ќе ја заокружи на 30-ти со Србија и Босна и Херцеговина

Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска од Стразбур најави дека до крајот на овој месец ќе го посети Западниот Балкан со цел да донесе силна порака на поддршка за приклучување на регионот кон Европската Унија.

За МИА од Европската комисија потврдија дека претседателката ќе ги посети сите шест земји од регионот вклучително и Македонија.

Како што објаснуваат изворите на МИА, во Брисел посетата сѐ уште се подготвува и нема детали за програмата за сега.

Претседателката оваа посета ја организира една недела пред Самитот ЕУ-Западен Балкан кој ќе се одржи на почетокот на октомври во Брдо, Словенија и чија цел е да се потврди поддршката на ЕУ за регионот како што тоа беше случај со самитот во Софија, а потоа и во Загреб, под бугарско, односно хрватско претседателство.

Овој самит ќе биде важна прилика не само да се потврди европската перспектива за Западен Балкан и нивната натамошна интеграција, туку и да се даде дополнителен поттик за имплементацијата на Економскиот и инвестициски план, кој е срцето на нашиот ангажман со регионот, изјавија за МИА од Европската комисија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.