Наставно-научниот совет на Филозофскиот факултет во Скопје смета дека нацрт-верзијата на Концепцијата за основно образование, претставена од Министерството за образование и наука содржи методолошки и дидактички недоследности и решенија кои не соодветствуваат на воспитно-образовната и општествената реалност во државата. Оттаму велат дека имплементацијата на Концепцијата може да предизвика сериозни проблеми во сферата на образованието.
Во заклучоците од седницата на Советот, стои дека тие сметаат оти предлогот не содржи финансиска конструкција на предвидените реформи, ниту се дадени на увид анализите и резултатите од претходните истражувања и анкети кои го оправдуваат предложениот модел на образовна реформа во државата.
-Спојувањето на предметот историја кој припаѓа на хуманистичките науки со група на предмети од општествените науки, претставува неприфатливо минимизирање и игнорирање на незаменливото и витално образовно значење на историјата. Наспроти предложената интеграција на предмети, Факултетот смета дека истите исходи може да се постигнат преку интеграција на цели како концепт.
-Нацрт-концепцијата предлага холистички пристап кон наставните содржини во кои неприродно се споени теми од општествените науки (социологија или граѓанско образование), хуманистиката (историски науки) и природните науки (географија) без притоа да се води сметка за спецификите на науките и за методологијата на нивното елаборирање во наставни содржини за деца од 6 до 14 години.
-Потребно е да се предвиди и овозможи подолга разумна временска рамка за создавање на квалитетна реформа во основното образование во која ќе биде земена предвид комплексноста на сите процеси за натамошна имплементација како и критичкото мислење на сите релевантни фактори, а со оглед на комплексноста на предложените решенија и далекусежните последици што усвојувањето на оваа Концепција ќе ги предизвика за севкупниот образовен систем на сите три рамништа (основното, а потем, следствено и на средното и на високото образование), стои во заклучоците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.