Никој во светот, во која било земја не може да даде точно предвидување што може да се случи во наредниот период. Може да има мутација на вирусот која што е поконтагиозна од сите претходни соеви и тоа да ја смени епидемиолошката слика, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Според него, проценката, иако со резерва, е дека следниот период од два летни месеци ќе има мирна епидемиолошката ситуација. Сепак, потсетува дека граѓаните треба да знаат дека мерките се дадени да се почитуваат, маската секогаш е тука, иако не е задолжително да се носи надвор.

Но кога има групирање, не е лошо на граѓаните да им е при рака и да ја стават. Сепак тоа е заштита за нивното здравје, советува Филипче.

Што се однесува до вакцините, секој понеделник доаѓаат по 10-тина илјади вакцини на Фајзер од нашиот договор со производителот и од солидарниот фонд, а за во јуни се најавени 100-тина илјади преку Ковакс механизмот.

Засега, како што рече Филипче, нема најава ниту за руските вакцини, а од кинеската амбасада потврдиле дека во следните 7 дена треба да пристигнат 500 илјади вакцини од Синовак. Одговарајќи на новинарско прашање во однос на ревакцинацијата, тој кажа дека нема граѓанин во земјава за кого не е обезбедена втората вакцина.

Што се однесува до ревакцинацијата на македонските граѓани кои беа вакцинирани во Србија, Филипче изјави дека разговарал со српскиот колега Лончар за можноста да се организира пункт за ревакцинација поблиску до нашата земја, конкретно во Врање и Ниш и како што рече, имало расположение за тоа но допрва ќе се знае дали може да се реализира.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.