Центрите за контрола и превенција на болести во САД препорачуваат да не се патува во Мексико во овој момент. Според нив патувањето ги зголемува шансите за инфицирање и ширење на ковид-19. Оттаму на американските граѓани им препорачуваат да ги избегнат сите патувања кон Мексико, а за сите патници кои се враќаат оттаму следи задолжителна самоизолација од седум дена и задолжителен негативен ПЦР тест за влез во САД.
И покрај тоа што поголемиот дел од Мексико е категоризирано со портокалова боја за претпазливост, а светските медиуми се сомневаат дека официјалните бројки на заразени се далеку повисоки од вистината, во Македонија нема никакви протоколи за оние кои се враќаат од патување од таму.
Карантин од 14 дена е препорака за луѓе кои патуваат на африканскиот континент, а причина за тоа е евентуална трансмисија на т. н. јужноафрикански сој кој многу брзо се пренесува и сè уште не се знае ефектот на вакцините, рече на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на прашањето дали Драги Рашковски, советник во Владата и вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски ќе одат во 14-дневен карантин кога ќе се вратат од одмор во Мексико, односно во Дубаи.
Задолжителниот карантин за патниците од Африка, пак, беше донесен откако од Македонија на одмор заминаа неколку групи преку македонските туристички агенции и се вратија заболени. Исто како и за Занзибар, ни за влез во Мексико не е потребен негативен ПЦР тест, но засега нема да се воведе задолжителен карантин за патниците кои се враќаат оттаму.
Меѓу заболените во турата од Занзибар беше и вработена во битолската болница, семејство блиско до СДСМ, а во медиумите се пишуваше дека меѓу патниците бил и дедото на министерот Филипче.
Она што со сигурност може да го кажеме е дека Рашковски нема да оди во карантин. Дали и за новиот скандал со набавката на софтверот измислен од него, поранешниот генерален секретар ќе ја избегне одговорноста како за скандалот „Леонардо“ и останатите „помали“ афери, е прашање на кое јавноста го претчувствува одговорот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.