На денешниот состанок на Главниот координативен кризен штаб (ГККШ) не биле донесени заклучоци, а за предлог ковид- мерките ќе се разгледува утре на седница на Влада, соопшти Министерството за здравство.

Министерот за здравство Венко Филипче вечер ќе одржи состанок со Синдикатите за да ги слушне и нивните предлози, кои ќе бидат презентирани и на владината седница.

Министерството за здравство предложи сите вработени во јавната администрација и во локалната самоуправа за влез на работното место да прикажат документ дека се вакцинирани, сертификат за прележаност на ковид-19 не постар од 45 дена или пак негативен ПЦР тест кој вработените треба да го прават на сопствен трошок. Од мерките се изземени случаите на ретки имунолошки состојби.

Филипче, утрово на  ГККШ ги предложи мерките на Комисијата за заразни болести кои со консензус беа усвоени на состанокот, минатата недела.

Министерот посочи дека мерките кои ги предлагаат здравствените експерти се целосно издржани и ќе дадат резултат и за одржување на релативно стабилната епидемиолошка состојба во земјава како и за покачување на вакцинацијата во државата.

Говорејќи за состојбата во државата, Филипче рече дека болниците се полнат со невакцинирани пациенти, односно процентот на невакцинирани, а хоспитализирани се движи од 75% до 80%. Ваков вид, но и доста поригорозни мерки има насекаде во регионот, Бугарија, Хрватска, Словенија, Грција, како и Австрија, Холандија и други.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.