Новите рестрикции се со цел да се забрани групирање по домовите во претстојниот период кога може да има семејни собири кои се ризик за појава на нови кластери. Ако има правна пречка верувам дека ќе најдеме начин да се надмине, заради тоа што ова мора да биде приоритет, рече министерот Венко Филипче на прес-конференција, одговарајќи на прашањето како ќе се контролираат домовите на граѓаните.
За забраната во еден дом да не смее да има повеќе од 4 гости од друго домаќинство, Филипче вели дека правните експерти ќе препорачаат механизам за контрола, потенцирајќи дека приоритет е заштита на јавното здравје.
Видовме дека има и правни експерти кои укажуваат на тоа дали мерките се уставни или не. Но, ние носиме мерки врз основа од досегашните искуства. Свесни дека во периодот којшто следи може да има семејни собири кои може да доведат до кластери логично е да ги забраниме. Оставаме на правниците да видиме во каква форма тоа ќе биде препорачано и каков ќе биде начинот на контрола, но морам да потенцирам дека апсолутно заштитата на здравјето е приоритет. Не може да затвориме очи и да дозволиме да се случуваат настани кои може да доведат до нови заболени, а и други земји го прават истото. Суштината е да се ограничи групирањето и да се носат маските. Ако има правна пречка верувам дека ќе најдеме начин да се надмине, заради тоа што ова мора да биде приоритет, вели Филипче.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.