Откако вчера политичките лидери го договорија 15 јули како датум за избори, министерот Венко Филипче испрати апел партиите да ги почитуваат протоколите за водење кампања, која треба да почне на 24 јуни.
Барам апсолутно сите кандидати, партии, активисти, сите што ќе бидат дел од кампањата, да бидат одговорни и да ги почитуваат, без исклучок, сите протоколи за заштита од коронавирусот. Жарот на политичката битка не смее да го надвладее разумот и во ниту еден момент политиката не смее да се исправи пред здравјето на граѓаните. Барам секоја активност да биде целосно приспособен на препораките. Очекувам сите политички партии да постигнат согласност околу начинот на водење на кампањата каде што ќе се даде целосен приоритет единствено на активности кои нема да го загрозат здравјето на граѓаните – вели Филипче.
Тој тврди дека изборниот процес може да биде безбеден, но тоа е можно само ако сите доследно се придржуваат до мерките од Комисијата за заразни болести.
Функционерите и лидерите на политичките партии и партиските активисти, вели министерот, имаат обврска да бидат пример за сите за доследно придржување кон мерките за заштита на колективното здравје.
Соочени со избори во време на пандемија, како земја мора да покажеме дека сме подготвени да одговориме и на овој предизвик, да одржиме фер и безбедни избори без ниту еден ризик по здравјето на граѓаните – нагласува Филипче.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.