Министерот за здравство Венко Филипче денеска на вакциналниот пункт во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје се вакцинираше против Ковид-19 со вакцина од кинескиот производител „Синофарм“.
Денеска ја примив вакцината на „Синофарм“. Буквално сите вакцини се безбедни за употреба. Апелирам сите да се свесни дека вакцините се сигурни, безбедни, дека сите се развиени на безбедни платформи, дека несаканите ефекти се навистина мали, има точни индикации односно контраиндикации за возрасни групи или некои специфични критични категории граѓании кои нема да треба да примат некаква вакцина и ние тоа го влечеме како податок од научните испитувања од производителите, изјави Филипче.
Вакцината, посочи министерот, е нешто што сите го чекаме долго време, нешто што значи фактор кој ќе влијае да се смени сликата за пандемијата насекаде во светот, а сега соочени со една болест за која досега немаше вакцина, знаеме што значи овој инструмент да го немаме во рацете.
Пандемијата нè научи на многу работи уште од почетокот на минатата година, да бидеме сплотени и обединети околу почитување на превентивните мерки кои се темелат на универзални принципи на заштита од ширење на вирусот, а сега во оваа фаза еден нов момент повторно да бидеме сплотени и обединети околу тоа да ставиме приоритет на вакцинацијата како еден од клучните елементи со кои може да се смени целокупната слика за пандемијата кај нас, потенцира Филипче.
Тој рече дека системот за вакцинација добро се спроведува и во текот на вчерашниот ден се вакцинирале околу 10.000 граѓани во земјава. Овој систем, појасни, со центри за масовна вакцинација, повеќе спортски сали по примерот на салата „Борис Трајковски“, добро се одвива во државата.
Акцент е ставен на сите пријавени на сајтот vakcinacija.mk со приоритет по возрасна група и паралелно на тоа еден помал дел оди кон вработените во критичната инфраструктура како што започнавме уште пред неколку недели. Како ќе доаѓаат вакцините така ќе бидат распределени за да овие два системи што поголем број граѓани добијат вакцина за што пократко време. Во нашата земја вакцинирани се близу 100.000 граѓани. Сметам дека ќе имаме и натаму добра динамика на вакцинирање. Затоа повторно апелирам сите да се пријават на сајтот vakcinacija.mk . Tоа е системот по кој системот „МојТермин“ ќе ги приоретизира категориите граѓани и во соодветно време согласно тајмингот на пријавување граѓаните ќе добијат или смс порака или меил за да се јават во соодветно време и во соодветен пункт за вакцинација, истакна Филипче.
Посочи дека одлучиле Владата да биде една од институциите кои ќе се вакцинира непосредно после Собранието, како институција која е битна за функционирањето на државата, за одржувањето на системот и по тој систем сите министри во следните 10-тина до 14 дена добиле веќе свој термин.
Таа национална стратегија која се темели на националните стратегии и принципи на сите земји во светот е еден добар систем и по тој систем треба да се приддржуваме, додаде Филипче.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.