Во моментов се прави анализа во делот на имунизација и на препораките за евентуална трета доза на вакцина. Сега не може да се претпостави дали оваа вакцина ќе стане сезонска, но верувам дека до крајот на годината ќе се знае, заради тоа што врз основа на тоа ќе ги димензионираме количините за целата следна година, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче во одговор на пратеничко прашање во Собранието.

Тој појасни дека во моментов се прават клинички студии во светот, и тоа на деца од 6 месеци до 2 години , од 2 години до 5 години и од 5 години до 12 години.

Тие резултати, како што рече, допрва треба да дојдат. Според министерот, никој сега во овој момент не може да претпостави дали ќе биде тоа сезонска вакцина или ке биде вакцина во која што ќе се даде и трета доза, но верува дека до крајот на годината ќе се знае, заради тоа што врз основа на тоа ќе ги димензионираат количините за целата следна година.

-Верувам дека ќе имаме повеќе сознанија во месец септември и во октомври. Сите производители се на располагање и согласно препораки од експери за кои категории на граѓани која вакцина да се даде, рече Филипче.

Како што информира, акцентот сега е ставен на секторот здравство и образование. Во здравство, близу 80 проценти од здравствените работници се веќе вакцинирани. Филипче појасни дека станува збор за оние кои директно работат со ковид центри и оне кои редовно ја работат својата работа.

Во делот на секторот за образование, тој рече дека околу 58 проценти од сите вработени се вакцинирани, со цел училиштата да почнат со нормален тек од месец септември, и во делот на градинките, околу 60 проценти од вработените се вакцинирани.

-Минатата недела имавме координативен состанок со дел од одговорните во компанијата Фајзер, за да разговараме за тоа да следната година набавиме доволна количина од овој производител. Исто така имаме и неколку опции во делот на снабдување вакцини од Србија, кои ќе ни дадат приоритет. Лично разговарав со амбасадорот на Кина, кој исто така укажа дека е отворена можноста да нарачаме од вакцините на Синофарм и Синовак, рече Филипче одговарајќи на пратеничко прашање.

Тој уште еднаш потсети дека ситуацијата во болниците е прилично мирна, има многу мал број на пациенти кои што се хоспитализирани. Денеска, како што рече, бројот е нешто поголем, има околу 70-тина пациенти кај кои е дијагностициран вирусот, но најдоцна до утре ќе бидат завршени епидемиолошките анкети, за да се види дали има некаква поврзаност со патување во странство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.