Македонија веќе четири месеци го живее вториот бран на коронавирусот, но за власта и министерот за здравство Венко Филипче тоа беше ситуација под контрола. Сепак, конечно на прагот на есента власта забележа дека четиримесечното секојдневие со над 100 заболени и неколку починати е загрижувачко.
Потребно беше над 700 луѓе да ги загубат животите во борбата со коронавирусот и 17.000 да заболат, за да Филипче се сети дека нешто не е во ред. Но, дали вината е само кај граѓаните?
Ако гледаме што се случуваше изминатите месеци, бројките станаа загрижувачки уште од крајот на мај кога истиот тој Филипче ги убедуваше граѓаните дека битката е добиена. Во тој период власта започна масовна кампања за нагло опуштање на мерките, но и на граѓаните. Додека бројките нагло се качуваа од 30 заболени на дневна основа, се до бројки од над 100 заболени и неколку починати секој ден, во исто време течеше владината кампања дека битката е добиена. И повеќе од јасно беше дека тоа се правеше да ги опуштат граѓаните и да немаат страв да излезат на избори.
На 1 јуни, во ден кога во Македонија имаше 89 новозаболени и 7 починати, Филипче на прес конференција изјави дека имаат контрола над состојбата, а кластерите се познати.
Понатаму на 1 јули во Македонија имаше 120 заразени и 4 починати, додека следниот ден 173 заразени и 15 починати, сепак Филипче во изјава за медиумите рече дека системот и пристапот кои го применуваат се одлични и даваат резултати, а состојбата е под контрола.
Влегувајќи активно во изборната кампања на СДСМ, Филипче ги убедуваше граѓаните не само дека се е во ред, туку и дека граѓаните треба токму нив да ги изберат бидејќи знаеле како да се справат во есенскиот период. Поминаа изборите, граѓаните му ја дадоа довербата, но на 29 јули во ден со 188 заразени и 5 починати, тој ги излажа велејќи дека состојбата е стабилна и под контрола.
Истиот наратив го имаше и во текот на месец август, кога на пример на 18 август во ден со 130 заразени и двајца починати тој истакна дека состојбата повторно е под контрола, но и дека активно се спремале за следните месеци. Таквиот став, Филипче не го напушти ниту на 1 септември кога имаше 115 заразени и еден починат.
Додека ситуацијата е алармантна веќе 4 месеци со ред, Филипче не го напушташе ставот дека ја имаат состојбата под контрола. Човекот кој викаше дека битката е добиена и е еден од најодговорните за наглото опуштање на мерките и кој ги убедуваше граѓаните дека опасноста е помината, сега ги обвинува граѓаните дека тие биле виновни што се опуштиле.
Според здравствените работници и експертската јавност најголемата одговорност лежи кај Филипче како министер за здравство. Додека голем број на медицински лица укажуваа дека состојбата алармантна и црното сценарио станува реалност, Филчипче викаше дека ја има состојбата под контрола, но и дека знае како да се справи доколку дојде нов бран, кој е тука веќе со месеци.
Чешкиот министер за здравство, Адам Војтех пред два дена поднесе оставка поради епидемијата Ковид-19, која е надвор од контрола во Чешка од септември, а во последните 14 дена е втора во Европа, по Шпанија, според бројот на новозаразени на 100.000 жители.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.