Веќе размислуваме како ќе функционираме од есенските месеци, информира министерот за здравство, Венко Филипче. Тој кажа дека активно се спроведува вакцинација во сите вакцинални пунктови, во салите се одвива ревакцинација, а пак во здравствените домови се спроведува вакцинацијата без закажување, како и теренската вакцинација, со која се олеснува пристапот до вакцините на жителите од руралните места.
Околу 30% од вкупниот број вакцинирани, изминативе два дена, се вакцинирани преку теренската вакцинација и тој систем ќе продолжи и понатаму. Околу 430 илјади граѓани се веќе вакцинирани, а 250 илјади се ревакцинирани, изјави Филипче.
Тој додаде дека првичните анализи покажуваат дека прилично висок процент на здравствените работници се веќе вакцинирани, со над 85%, посочувајќи дека се чекаат анализите од вработените во училиштата и градинките, за да може да се има некаква предвидливост доколку опфатот не е многу висок.
Ќе размислуваме нареднава недела за воведување некаква форма на рестрикција од есенските месеци, во смисла да вакциналниот сертификат биде неопходен за влез на некаков масовен настан, културни манифестации или кино, особено на затворено, истакна министерот.
Очекуваме околу 500 илјади до крај на месец јули со една доза и приближно толку ревакцинирани, но тоа не е доволно поради новите мутации, како индиската, која е многу попренослива. Се јавуваат соеви како индиската која е многу пренослива, заклучи Филипче, додавајќи дека за жал вакцинацијата не е задолжителна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.